На конкурсот за избор на национален претставник за меѓународната награда „Балканика 2019″, годинава до организаторот, издавачката куќа „Магор”, пристигнаа следните 12 книги:
1. Петар Стојановски – „Странец под алпите”
2. Ване Костуранов – „Ѕвездено дете”
3. Кристина Димовска – „Светлината на Сатурната”
4. Јана Мишо – „Скоро парижанка или Како да ги преживееш своите доцни дваесетти… во Париз”
5. Владимир Плавевски – „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало”
6. Влада Урошевиќ – „Маџун”
7. Владо Јаневски – „Под друга капа”
8. Владимир Плавевски – „Краста на душата”
9. Румена Бужаровска – „Не одам никаде”
10. Михајло Свидерски – „Последните денови на Ханс”
11. Давор Стојановски – „Утеха на голите”
12. Ненад Јолдески – „Пливање спротиводно”
Жири комисијата, во состав проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Ермис Лафазановски, член, и проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска, член, во потесен избор ги избра следните три дела: „Не одам никаде” од Румена Бужаровска, „Утеха на голите” од Давор Стојановски и „Маџун” од Влада Урошевиќ.
На својата последна седница, одржана во септември 2019 г, жири комисијата за национален претставник едногласно ја избра книгата „Маџун” од реномираниот македонски писател Влада Урошевиќ.
Суптилните примеси на хумор и духовитост, проткаеноста на четивото со дузина автентични гастрономски рецепти – ја дополнуваат не само приемчивоста на ова дело, туку и самата магија на читањето, кое, денес, е исправено пред толку многу сопернички и љубоморни закани (во напливот и доминацијата на сликата). Композициски, Маџун промовира една исклучителна култура на сеќавањето која ги проникнува историското и личното (индивидуално) време, големите и малите наративи, фактите и фикцијата…Авторот користи колажна техника во нелинеарната нарација, со што внесува особена драматичност во и онака драматичното дејствие – виорот на војната.
При тоа, како особено забележителна, освежувачка и ефективна раскажувачка постапка се издвојува детскиот поглед на светот, детето како фокализатор, детската визура, која од своја страна автентично придонесува за очудување на рационално уредената реалност.
Конечно, неколку од карактеристиките на оваа проза, како што се мајсторскиот опис, леснотијата на раскажување приказна, сликовитоста или алузивноста, како и веќе добро познатата иронија, несомнено го збогатуваат препознатливиот и софистициран раскажувачки стил на овој автор, односно, високиот степен на култура на јазикот и изразот, како белег на севкупната писателска дарба на Урошевиќ.
Дани | ТВ Пакет