Новата американска серија на Телма е инспирирана од вистински личности и настани, а со оглед на фактот дека станува збор за еден многу темен настан во историјата, таа брзо се вивна во популарноста.
По улогата на “лошиот” Хенк Муди во “Калифорникација”, Дејвид Духовни се враќа од понеделник до четврток во 22.15 часот на Телма, овојпат како “добро момче”. Го толкува ликот на детективот Сем Ходијак, кој заедно со помладиот колега Брајан треба да го истражат случајот со исчезнувањето на една тинејџерка. Барајќи ја девојката, Сем ќе го открие Чарлс Менсон и неговата секта т.н. “Фамилијата”, група хипици кои ја кријат исчезнатата тинејџерка.
Чарлс Менсон е харизматичен маж кој едноставно знае како да зборува со луѓето. Токму затоа и никој не се сомнева дека тој има големи планови за оваа секта. Тоа е и една од причините зошто тој собира ранливи млади момци и девојки кои му се придржуваат во неговата цел, притоа перејќи им ги мозоците и правејќи ги да сакаат да направат сè за него. Дури и ако тоа вклучува одземање нечиј живот.
За да дознае што точно се случува во оваа фамилија, Сем Ходијак ќе го натера колегата Брајан да се инфилтрира во овој култ и да открие нешто повеќе за нивниот живот. Но, двајцата детективи ќе мора да научат како да размислуваат како овие девојки и момци со цел да избегнат да бидат откриени, а тоа не е нешто што може лесно да биде изведено…
“Водолија” е полициска драма за една мрачна приказна од 60-тите која го следи животот на озлогласениот Чарлс Менсон пред убиствата.