Високобуџетната играна серија “Истанбулската невеста” е една од најгледаните и најпопуларни турски драми за последните неколку години. Серијата за една млада пејачка која станува непосакувана снаа во богато турско семејство всушност се базира на вистинита приказна.
Вистинската истанбулска невеста се викала Улку и токму нејзината судбина било причина да се сними оваа серија, која за брзо време станува голем хит и е продадена во сите земји каде што се емитуваат сериите од Босфорот. Во главните улоги настапуваат ѕвездите на “Повторно роден” и “Во виорот на судбината”.
Таа. Убава, храбра и талентирана.
Тој. Успешен, богат и заробен во стегите на минатото.
Суреја, скромна девојка од Истанбул ќе се вљуби во маркантниот Фарук. Љубовта станува бескрајна од првиот поглед, од првиот допир, од првите разменети зборови… па, за двајцата млади не преостанува ништо друго освен брак со кој ќе ја крунисаат својата голема љубов. Не знаејќи дека идниот сопруг од дете е фрлен во цврстите окови на традицијата, Суреја прифаќа да се омажи за Фарук, да ги спакува куферите и заедно со него да се пресели во Бурса во големиот конак на семејството Боран.
Девојката од големиот град доаѓа во срцето на Анадолија, каде времето како да застанало. Влегува во големиот конак, во кој од секој ќош и секоја соба зрачи богатство, луксуз, но и длабоко вкоренети обичаи. Грандиозниот семеен имот и конак постојат веќе четири века, а доаѓањето на новата девојка ќе смени сѐ кое се одржувало и траело сето тоа време.
Истанбулската невеста ги запознава проблематичните Фикрет, Осман и Мурат, браќата на Фарук, но нејзиното неочекувано појавување во богатата палата особено внимание ќе предизвика кај госпоѓата Есма, мајката на Фарук. Таа е доминантна и сурова госпоѓа, на која ѝ се потчинети сите кои живеат и работат на големиот имот. Таа е челичната дама, чиј збор е прв и последен. И како таков, мора да се почитува, затоа што нема друг избор освен тој.
Од среќна и безгрижна девојка, Суреја станува непосакувана снаа во конакот. Нејзината борба нема да биде лесна, затоа што таа не сака да се предаде пред отпорот на новата фамилија и суровата свекрва. Со сите сили ќе се бори за своето место во конакот како сопруга на Фарук Боран. Но, и Фарук од друга страна се соочува со непријатели и искушенија кои не ги очекувал, само затоа што довел невеста во домот, која не прилега за таква династија.
Како што минува времето, конакот ќе почне да се руши под притисокот на замрсените семејни односи, додека истанбулската невеста не биде целосно растргната меѓу традицијата и модерното време. Приказна која ги побива предрасудите и силно ги зближува вљубените души.
Судбината ги водеше еден кон друг. Но, ќе постои ли некој кој може да ги раздели Суреја и Фарук? Ќе постои ли сила што може да ја разниша нивната блискост?
Дани | ТВ Пакет