Напредокот во управувањето со животната средина на Македонија е оценет како недоволен, нема усвоено доволно ефективни закони, тие кои се усвоени не се спроведуваат и нема механизми за санкционирање на прекршувањата. Земјата нема национална стратегија за постигнување на Целите за одржлив развој. Јавноста е речиси целосно исклучена од процесите на носење одлуки.
Во третиот по ред извештај за напредок на Македонија во област животна средина објавен од Економската комисија за Европа во рамки на Обединетите Нации (UNECE) е даден преглед на напредокот во управувањето со животната средина на земјата, како и во спроведувањето на препораките од претходниот извештај за напредок од 2011 г. Во извештајот се оценуваат законите и останатите прописи, (не)зазеленувањето на македонската економија, мониторингот на животната средина, (не)учеството на јавноста во процесите поврзани со животната средина и едукацијата за одржлив развој. Понатаму, во извештајот се обрнува внимание на аспекти кои се од особена важност за земјата, како на пример, што е преземено во однос на аерозагадувањето, зачувувањето и унапредувањето на биолошката разновидност и заштитените подрачја, како и управувањето со водите, отпадот и хемикалиите. Во извештајот е вклучена и анализа на политиките и финансиските средства определени за мерките за адаптација и митигација на климатските промени и вклученоста на земјата во интернационални механизми. Дополнително, во извештајот е опфатена и анализа на (не)реализацијата на Целите за одржлив развој, вклучително проценка на релевантните цели и препораки поврзани со реализацијата на Целите за одржлив развој.
Накусо, констатирано е дека земјата исклучително бавно напредува и во донесување на потребната законска рамка и во нејзиното спроведување. Во поглед на усвојувањето и реализацијата на целите за одржлив развој не е направено речиси ништо.
Ги издвојуваме најважните факти од извештајот.
1. Цели за одржлив развој: Формалната институционална рамка за координација на имплементацијата и мониторингот на Целите за одржлив развој од Агендата 2030 за одржлив развој постои, но е неактивна. Националната рамка на прописи е сѐ уште во развојна фаза. Ниту еден документ усвоен на национално ниво не ги одразува Целите за одржлив развој.
2. Правна и институционална рамка: Земјата сѐ уште не успева доследно да ги спроведува постоечките закони особено во делот на издавањето дозволи, оценувањето на напредокот во областа животна средина, управувањето со отпадот, со заштитените подрачја и бучавата.
Не постои никаква политика во која е одразено како рударството влијае врз животната средина, иако во јавноста има голема загриженост за влијанието на новите рудници.
3. Регулаторни механизми и механизми за обезбедување усогласеност: Не се применуваат релевантни најдобри практики за контрола на издадените А и Б дозволи. Законите и подзаконските акти кои се усвојуваат не се спроведуваат. Извештаите од инспекциските надзори не се јавно достапни или се застарени. Извештаите од самостојниот надзор што секоја година ги поднесуваат операторите на инсталациите не ги одобрува Државниот инспекторат за животна средина и не се вклучени во Регистарот на испуштање и пренос на загадувачки материи (РИПЗ).
4. Зазеленување на економијата: Принципот „загадувачот плаќа“ е втемелен во легислативата, но не се применува соодветно. Главниот инструмент со кој може да се влијае врз степенот на загаденост на воздухот и водите е регулатива (управување и контрола) во комбинација со најдобри достапни техники. Рамната стапка за наплата без оглед на типот на загадувачка супстанца што е интегрирана во цените на дозволите не ги поттикнува претпријатијата да преминат на почиста технологија. Недостастува ефективен финансиски поттик во форма на данок за животна средина.
5. Мониторингот на биодиверзитетот се спроведува ад хок во зависност од достапните фондови од меѓународни проекти.
6. Демократија во област животна средина и образование за одржлив развој: На веб-страниците на други јавни институции во голема мера нема пристап до информации од област животна средина. На јавноста не ѝ се бесплатно достапни консолидирани верзии од закони и секундарна легислатива. Владините, судските и телата за независна ревизија немаат доволно знаење, капацитет и експертиза да промовираат и да спроведуваат ефективен пристап до правда во област животна средина. Земјата не спроведува процес на едукација за одржлив развој.
7. Заштита на воздухот: Министерството за животна средина и просторно планирање не обезбедува доволно политичка поддршка за да осигура спроведување на мерките предложени за подобрување на квалитетот на воздухот.
8. Управување со водите: Се очекува дека водните ресурси на Македонија ќе се намалат. Поради недостиг на точни податоци, можно е индустријата да ги употребува површинските и подземните води на непознат и нерегулиран начин. Се зголемува побарувачката на вода за пиење.
9. Управување со отпад и хемикалии: Постојните општински депонии кои немаат никакви стандарди и не ги задоволуваат ни основните критериуми за безбедно одлагање на отпадот. Собирачите на отпад не се поттикнуваат да го собираат отпадот одделно (по вид) од сите места од каде што го подигаат. Индустријата што користи отпад како суровина во процесите не е финансиски поттикната да рециклира. Исто така, потрошувачите не се никако поттикнати да купуваат продукти изработени од рециклирани материјали.
10. Биодиверзитет и заштитени подрачја: Речиси сите природни екосистеми во земјата се под закана, делумно поради климатските промени, но и поради антропоген притисок што резултира со деградација на живеалишта и зголемена опасност од шумски пожари.
Заклучок: Неопходни се прави луѓе на позиции, искрени и посветени активисти. Демагозите и опортунистите на функции чијашто цел не е општото добро туку личната материјална корист нѐ донесоа до ова дереџе. Не може да го решат проблемот истите оние што го создале. Доста ни е злоупотреби, за нашите животи се работи!
Со почит,
Активисти на Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.