Почетна / Живот / Одржано второ издание на поетската манифестација „Антево слово“

Одржано второ издание на поетската манифестација „Антево слово“

На 10 декември 2019 година со почеток во 19:00 часот, во спомен собата на Анте Поповски во Центарот за култура во Ѓорче Петров се одржа второто издание и официјално доделување на наградите „Антево слово“ кои се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски – „Антево слово“.

Наградата „Антево слово“ е конституирана како дел од оваа меѓународна манифестација која се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија, Италија, а воедно и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.
Првата награда ја доби еминентната македонска професорка и писателка, академик Катица Ќулавкова, втората награда ја доби Ѕвонко Танески, а третата награда ја делат Раниа Орфанакоу од Грција и Александра Велинова. Како дел од оваа поетска манифестација се и специјалните награди кои годинава одат кај Александар Наумоски, Наташа Сарџоска и Филип Фиданоски. На манифестацијата ќе настапат повеќе поети учесници и гости, а предвидено е да има и музичка програма.

По објавениот повик за испраќање на песна по слободен избор за учество на вториот меѓународен конкурс и доделување на наградата „Антево слово“, се пријавија повеќе од 100 поети од Македонија со своите дела. Жирито во кое членуваат претставници од семејството на доаенот на македонската поезија Анте Поповски, како и еминентни претставници од книжевната/ литературната област во Македонија и организаторот на меѓународниот фестивал Анџело Ла Векија, односно: Томислав Османли, Геро Ла Векија, Митко Гогов, Александар Поповски и Жорж Поповски одлучија да ги номинираат сите триесетина автори, а со тоа и застапат сите оние кои беа претходно објавени на страната на Меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“.
Песната „ Eпистулa до Јулија, ќерката на Октавијан“ на проф. Катица Ќулавкова е компаративна поетска лирика која освен што нуди историографско патување, доловува емоционален авторски бран кој ги текстуализира и истражува основните битови прашања на постоењето. Таа умешно и со доза на нежност ги обмислува преку поетскиот глас исконските, суштински догледи, еманципирачки и со длабок вознес.
Од исклучителна важност е големиот одзив кој го имавме и годинава и се надеваме дека во иднина сѐ повеќе поети ќе имаат можност да ги промовираат своите стихови, како и да им се отвори можност да бидат прочитани од интернационална публика.

Претсавниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“ е создаден со цел да се прослави и овековечи, преку „Возвишена поезија“, духот, душата, суштината и есенцијата на животот во Каникатската секуларна академија на Парнас. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.

Во апстрактниот простор – време што се приближува неверојатно до сите луѓе без најмала разлика не само на пол, вера, националност, возраст, но, исто така и во своето постоење и непостоење, поезијата успева да биде ’медиум’ во ’континуитет’ помеѓу земјата и небото, помеѓу телото и душата, меѓу прагматизмот и утопијата. Целта на овој конкурс е да се шири културата на чувства, емоции, страсти, знаење во текот на целиот живот и реализирање на ’експресивната слобода’ која е од суштинско значење и привилегија за секој современ општествено ангажиран човек“, изјави Митко Гогов од здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, кој во соработка со семејството на Анте Поповски и меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ ја востанови оваа награда.

Сите учесници имаа можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија (Angelo La Vecchia), познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и наградата „Антево слово“ која се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Добитниците на награди на Струшките вечери на поезијата 2024

Со Меѓународен поетски митинг на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје, заврши 63. …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!