Институтот за развој на електронски комуникации објави краток коментар во однос на спорните делови на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
ИНРЕКОМ се осврна на измените од 2018 година и сегашниот предлог на измени, два дена пред распуштањето на Собранието. Во продолжение нивната реакција во целост :
Институтот за развој на електронски комуникации укажува на недостатоци и јавно ги повикува народните избраници од Собранието на Република Македонија да го повлечат предлогот на Законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поради својата сложеност и недореченост во пресрет на предвремените парламентарни избори во Македонија.
ИНРЕКОМ апелира ваков важен закон, кој опфаќа посебна тематика, односно Поглавјето 10 кое се однесува на информатичкото општество и медиумите, да не се донесува избрзано, особено не во скратена постапка.
ИНРЕКОМ препорачува овие измени да се остават за следниот парламентарен состав, а истите измени да подлежат на широка дебата во која ќе бидат вклучени засегнатите страни како што се: претставници од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – АВМУ, телекомуникациските оператори, самите медиуми и медиумски групации, здруженија на медиумите и синдикати на медиумски работници, како и други чинители од невладиниот сектор и општествената сфера.
Потсетуваме дека предложените измени на Законот, беа неприменливи во пракса – на што реагираа и самите оператори на телекомуникациски мрежи.
За потсетување, Македонската Медиумска Асоцијација (ММА) во која членуваат националните телевизии, во 2018 година бараше да се воведе одговорност од кабелските оператори кога е во прашање понудата на странските канали. Нивниот став е дека странските канали често емитуваат филмови, серии и спортски настани за кои веќе правата се обезбедени од македонските национални телевизии.
ИНРЕКОМ потсетува дека дури и со сегашната законска рамка, националните ТВ куќи можат да побараат затемнување на странските канали, нешто што е пракса во минатиот период, не само во Република Македонија. Сепак за оние настани и серии за кои националните ТВ канали немаат откупено права, не може да побараат странските канали да бидат затемнети т.е. исклучени.
Поконкретно, спорно во предложениот текст на Законот е барањето да се достави заверена изјава на нотар под полна морална, материјална и кривична одговорност, од страна на одговорното лице во операторот, но и заверена изјава од страна на одговорно лице во каналот за кои ќе бидат обезбедени права за реемитување. Во документот треба да стои изјава од директорот на каналот кој треба да се реемитува, дека тој лично гарантира оти сите содржини на неговата фрекфенција се авторски или со откупени права, односно не подлежат на пиратерија. Се наметнува логично прашање, како во пракса ќе се изведе предвиденото, зарем се очекува директорот на некој од големите странски кабелски и сателитски канали и групации да дојде во Македонија за да потпише нотарска изјава за согласност, со секој оператор поединечно!?
Во интерес на граѓаните е да добијат квалитетен избор на разновидна содржина од своите оператори, а со предложените измени на Законот, ќе се постигне токму спротивен ефект и Македонија ќе се врати во времето на далеку посиромашна ТВ понуда кај операторите. Па така, наместо голем избор на телевизиски канали, операторите ќе бидат пред предизвикот да ги изгубат дел од каналите во неможност да се исполни ваквиот услов, а со тоа нема да се испочитуваат европските практики.
За потсетување, вакви и слични законски решенија нема во другите европски земји. Самите европски директиви одат во насока на збогатување на програмските понуди, а не намалување на изборот на гледачот.
Институтот за развој на електронски комуникации-ИНРЕКОМ, потсетува дека и сегашното законско решение во членот 143 јасно ги регулира односите помеѓу операторите, телевизиските дифузери и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Напомнуваме дека прашањето за авторските и сродни права е регулирано со соодветен Закон, на кој упатува и Агенцијата за медиумски услуги, Закон кој е веќе усогласен со европските директиви од таа област, за што сметаме дека е непотребно дуплирање на акти во законодавството.
Потсетуваме дека апсурдно е барањето за кривична одговорност од страна на операторите, во случај некој реемитуван ТВ канал да емитува пиратска содржина, нешто што го нема во ниту еден правен систем. Дополнително, појава врз која операторот нема никакво влијание бидејќи врши само реемитување, а не и избор на програмската понуда и уредувачка полтиика.
Навлегувањето во детално пропишување на односите помеѓу комерцијалните телевизии и телекомуникациските оператори, во случај кога операторите се во подредена ситуација, исто така е дискутабилно, пред сè поради можни повреди на членот 55 од Уставот на Македонија, кој јасно и недвосмислено пропишува дека РМ ќе обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Нешто што во овој случај е доведено во прашање бидејќи предлог измените на Законот предвидуваат нееднаква правна положба на штета и на операторите, но и на нивните корисници т.е. граѓаните.
Воедно ИНРЕКОМ потсетува дека измените на Законот за АВМУ од 2018 година, предвидуваа распуштање на сегашниот состав на советот на Агенцијата, нешто, што може да се смета за мешање и подривање на независноста на самиот Регулатор. Токму затоа укажуваме на досегашната пракса во Македонија и Европа која предвидува да се причека до истек на мандатот и новите методи за избор на членови во државни тела да важат за нивните наследници, а не на постојните да им биде скратен мандатот, без соодветна причина.
Конечно, ИНРЕКОМ апелира до народните пратеници наместо да се занимаваат со законски решенија – ефективно нефункционални во пракса, а и спротивни на интересот на граѓаните, потребата од пратеничка продуктивност да ја задоволат со изнаоѓање на законски решенија во поглед на преводите кај странските канали кои не се локализирани на македонски јазик. Проблематика која ИНРЕКОМ ја опфати и препорача предлог-решенија за унапредување на состојбата.
Дани | ТВ Пакет