ТВ 24 со реприза на американската крими серија “Ray Donovan”, секоја сабота и недела од 21 часот. Во продолжение потсетете се на серијата, веќе еднаш емитувана на оваа фреквенција.
Во светот на богатите и славните, Реј Донован ја извршува валканата работа за моќниците во Лос Анџелес. Во новата телевизиска серија на ТВ24, главната улога му припаѓа на номинираниот за „Еми“ и за „Златен глобус“ Лив Шрибер, во улога на тип што ги решава проблемите на славните личности, спортските ѕвезди и деловните могули во градот.
Оваа моќна драма се случува кога неговиот татко, кого го игра добитникот на „Оскар“ Џон Војт, неочекувано излегува од затвор, што предизвикува низа настани кои темелно влијаат врз семејството Донован.
Реј работи со двајца соработници. Првиот е Ави, еден импозантен Израелец, а вториот е Лина, која е тврдокорна лезбијка. Поголем дел од работата на Реј е за една моќна адвокатска фирма што ја предводат неговиот ментор Езра Гудман и партнерот на Гудман, Ли Дрекслер.
Единствените проблеми што не може да ги реши се оние на неговото семејство. Братот на Реј, Банчи, бил злоупотребуван од еден свештеник и сега не може да остане трезен. Неговиот брат Тери бил оставен предолго во боксерски ринг, па развил Паркинсонова болест, а сите нив ги прогонува духот на нивната мала сестра, која се самоубила кога била тинејџерка.
Дополнително, неговата сопруга Еби сѐ уште се прилагодува на нивниот живот во предградието, одгледувајќи ги нивните две деца, Бриџит и Конор. За Реј, сите нивни проблеми посочуваат кон една личност, нивниот татко Мики, гангстер во ирската мафија, кој никогаш не си го заштитувал своето семејство. Но, сѐ се превртува наопаку кога Мики, по 20 години затвор, се упатува кон Лос Анџелес и е гладен за одмазда. Тој сака пари, нов живот и позиција на шеф во своето семејство.