Глобални лидери, познати личности, и голем број на поддржувачи од преку 190 земји ширум светот се обединија во саботата, на 28 март, за да ја дадат својата поддршка за планетата. Часот на планетата Земја, оваа година на дело ја покажа отпорноста и моќта на човечкиот дух и мисла, и низ овие кризни времиња испрати порака за да слушне гласот на индивидуалците!
Во време кога луѓето ширум светот се борат со здравствена криза од невидени размери, и многу земји се под целосен карантин, поддржувачите на Часот на планетата Земја ширум светот го предизвикаа вирусот корона со дигитални, виртуелни настани на Интернет.
Оваа година Часот на планетата Земја генерираше над 3 милијарди импресии на социјалните медиуми на глобално ниво, додека ознаката #EarthHour беше главна тема на Фејсбук и Твитер во преку 37 земји, правејќи ја една од најуспешните интернет акции во својата историја. Многу реномирани јавни личности ја поддржаа акцијата и го свртеа вниманието на светската јавност кон климатските промени. Секретарот на ОН, Антонио Гутереш, папата Фрањо, активистката Грета Тунберг се само дел од луѓето кои дадоа поддршка на еколошкиот мрак.
– „Успехот на Часот на планетата Земја оваа година е резултат на моќта на човечкиот дух, моќта на поединецот и моќта на колективното изразување. Во време кога светот се соочува со криза од невидени размери, потребата да се обединиме за похармоничен живот на оваа планета е поголема од било кога. Навистина е за поздрав како милиони луѓе ширум светот се обединија дигитално за една заедничка цел, беа толку далеку, но истовремено толку блиску – и испратија инспиративна порака дека сега е време да дејствуваме за посигурна, почиста и поздрава иднина за нас и идните генерации“ – вели Ѓорги Селков од канцеларијата на акцијата во Македонија.
И Македонија поради актуелната состојба се вклучи во акцијата виртуелно, додека во саботата илјадници граѓани ширум републиката ги исклучија светилките во своите домови. На едноипол часовното „Инстаграм Лајв“ дружење се приклучија голем број на познати личности од нашата естрадна сцена, додека преносот на кој се дискутираше за климатските промени, но и се пееше и забавуваше, го следеа скоро 10.000 гледачи.
– „Неочекувано, но оваа година можам слободно да кажам дека ја имавме најуспешната акција во Македонија. Добивме преку 1.000 фотографии и пораки за поддршка од македонските граѓани, неколкубројно повеќе го следеа нашиот онлајн пренос и ги исклучија светилките во своите домови, обединувајќи се со светот во едночасовниот еколошки мрак.“ – додава Селков.
Дани | ТВ Пакет