“Нескротливи срца” беше тинејџерска мексиканска теленовела, снимана во текот на 2004 година и прикажувана на А1 телевизија. Забавна музика и многу сплетки ја опишуваа оваа серија, со која уживаа и помладите, но и повозрасните.
Дејството на серијата ги следи љубовните згоди и незгоди на младата девојка Дијана и момчето Браулио Валдарес. Дијана веќе пет години се наоѓа во интернат во Швајцарија, каде нејзиниот татко Доменико, успешен бизнисмен, ја пратил за да ја скроти нејзината бунтовност. Но, и во Интернатот, Дијана не мирува. Набрзо станува лидер на девојките во нивните авантури, што ќе предизвика вознемиреност кај управничката на Интернатот.
Таа неколку пати ќе ја опомене, но последниот скандал на девојките, кога групно ќе избегаат од испит, ќе доведе до укор до сите девојки, а најлошо ќе помине токму Дијана. Таа е избркана од Интернатот. Управничката се јавува на нејзиниот татко во Мексико, со наредба да ја земе ќерка му, но Доменико, поради бизнисот, не заминува во Швајцарија, туку Дијана мора сама да се врати. Таа е несреќна што нејзиниот татко не доаѓа да ја земе, туку на аеродромот во Мексико ја пречекува шоферот на фирмата. Дијана ја посетува нејзината баба Викторија, која се наоѓа во дом за стари лица, но боледува од Ајцхалмерова болест и не препознава никого од семејството.
На патот до дома, Дијана за малку избегнува судир со еден автомобил, во кој се возат Браулио и неговата другарка Кони. Двајцата млади Браулио и Дијана се вљубуваат на прв поглед, но до нивна средба нема брзо да дојде, бидејќи Браулио припаѓа на сосема поинаков свет од оној на Дијана.
Другарката на Браулио, Кони Перез е млада и бунтовна девојка, која е вљубена во Браулио, но тој нема да и ја возврати љубовта, особено откако ќе ја запознае Дијана. Набрзо, Дијана ќе го запознае светот во Мексико, во кој царуваат тинејџерите, свет исполнет со многу забава, но и опасности. Дрогата, алкохолизмот и проституцијата се дел од ноќниот живот на Мексико, а Диjана набрзо станува дел од тој опасен свет.
Дани | ТВ Пакет