АЕК ќе избира оператор за дигитално емитување на телевизиите
Агенцијата за електронски комуникации најдоцна до задутре ќе распише јавен повик за избор на оператор кој ќе располага со преостанатите три мултиплекси, два за национални телевизии и еден за регионални.
Со тоа треба да се создадат услови за префрлање од аналогно во дигитално терестријално земско емитување на радиодиузерите, процес што Македонија треба да го заврши до јуни следната година.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и директорот на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Орданоски на прес-конефернција информираа дека повикот ќе трае 45 дена. Доколку во тој период се јави само еден заинтересиран субјект нему ќе му бидат доделени мултиплексите. Ако има повеќе заинтересирани АЕК ќе распише тендер, кој ќе трае 30 дена, и врз база на комерцијални услови ќе го избере операторот кој ќе располага со трите мултиплекси. Како гаранција дека ќе го оствари планот операторот треба да достави 500.000 евра.
– Откако новиот радиодифузер ќе ја изгради својата мрежа АЕК ќе направи проценка кои ќе бидат трошоците што ќе ги наплаќа на националните, регионалните или локалните телевизии. Тоа значи дека се ќе биде регулирано и нема да постои можност за злоупотреба на положбата, рече Ивановски.
Во наредните 30 дена Советот за радиодифузија треба да направи анкета кај локалните телевизии за да се види нивниот интерес за прераснување во регионални. За сите локални телевизии кои нема да имаат желба да прераснат во регионална постојат уште два дополнителни мултиплекси, кои АЕК може да ги распише, најави Ивановски.
Со префрлањето на комерцијалните национални, регионални и локални телевизии на комеплетно дигитално емитување практично ќе се исклучат аналогните предватали. Тоа, појасни Орданоски, е поврзано со процесот од т.н дигитална дивиденда за ослободувањето на фрекфенциите од спектарот 790 до 862 мегахерци, што моментно го користат аналогните телевизии, за доделување фрекфенции од четвртата генерација мобилна телефонија. Планот е целосно покривање на Македонија со најбрзиот широко појасен интернет во наредните четири години за да може да биде во чекор со европската дигитална агенда.
Дигиталното префрлање за потребите на националниот сервис „Македонска радиотелевизија“ го врши ЈП „Македонска радиодифузија“. Поголем дел од територијата на државата веќе е покриена со дигитален сигнал на јавниот сервис.
| Преземено од ТВ Сител