Почетна / Живот / ИНРЕКОМ ги анализира донесените владини уредби за медиумите

ИНРЕКОМ ги анализира донесените владини уредби за медиумите

Институтот за развој на електронски комуникации со свои коментари за последните донесени уредби од страна на Владата, а кои се однесуваат на медиумското работење. Во продолжение, ви ја пренесуваме анализата на овој инситут (објавена на нивната веб страна) :

“Во чиј интерес работи техничката Влада на Република Македонија? Вонредната состојба која беше продолжена за нови 14 дена веќе два месеци ѝ дава одврзани раце на Владата да носи уредби со сила на закон. По одржувањето на 58 седница на Владата се поставува дилемата околу издржаноста на одлуките кои ги носат на седниците. Имено, спротивно на волјата на операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и дел од здруженијата на медиумски работници.

Донесената Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за формирање Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 со која се опфатени сите радиодифузери во земјата за надомест на трошоци за 2020 година кон операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс за дозволата за емитување согласно Законот за електронски комуникации, како ублажување на економските последици предизвикани од коронавирусот.

Од тука, ИНРЕКОМ поставува легитимно прашање: зошто се опфатени единствено националните и некои регионални канали што зрачат терестријално, а се дискриминирани каналите што зрачат преку мрежи што не користат ограничен ресурс, како што се кабелските и сателитските канали? Исто така, прашуваме каде се и радијата во сета оваа приказна?

ИНРЕКОМ ваквиот начин на финансирање на македонските телевизии го смета за директен атак врз слободата на говор и независноста во нивното работење, нешто што постоеше и во минатото, а за кое сегашната владејачка гарнитура се бореше за укинување. Најспорен е и тајмингот во предвечерието на вонредните парламентарни избори, а ова e oдлука донесена под превезот на економска помош во време на корона кризата.

Дали со овој потег Владата се додворува до националните телевизии, кои минатата година прокнижиле добивки, а воедно годинава во неколку наврати имаа тивок бојкот на конференциите од страна на Владата и нејзините министри, на сметка на операторите кои ќе бидат приморани да ги зголемат цените на фиксните услуги, нешто што ќе го платат граѓаните како крајни корисници на услугите.

Институтот исто така ги потсетува засегнатите страни дека од Буџетот, токму медиумите годинава ќе добијат солени суми за политичко претставување на политичките партии за време на изборните кампањи. Дополнително, и регулаторот АВМУ им „вбризга“ одредени економски инјекции за спас од економската криза. Од тука, се наметнува логичното прашање, колкава висина на средства се потребни за овие медиуми да не станат државни буџетари?

ИНРЕКОМ препорачува наместо директно влевање на средства во медиумите, да се донесат одредени олеснувања во даночните политики и други поволности за медиумите и медиумските работници, низ дијалог со релеватните засегнати страни, со единствена цел да се намали влијанието на државата во уредувачката политика.

Владата денеска донесе и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредната состојба, согласно која кабелските операторите се должни до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да достават пријави за регистрација на странските радиодифузери кои ги реемитуваат во рок од 60 дена од денот на нивното донесување.

Вака отприлика гласи втората скандалозна одлука од страна на Владата донесена на 58 седница, со која де факто ќе настане медиумски мрак и операторите ќе бидат приморани да ги исклучат сите странски канали за кои нема да бидат во можност да ги обноват договорите за реемитување! ИНРЕКОМ за ова извести во повеќе наврати и напомена за неприменливоста на одредбите кои произлегоа со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, донесени по скратена постапка, во 5 до 12 пред самораспуштањето на Македонското Собрание.

Преку ова донесување, се исполнува заканата што Владата ја проследи до операторите пред два месеци, во која стоеше дека доколку не се промени сликата со странските канали, Владата ќе биде приморана да донесе уредби .

ИНРЕКОМ потсетува дека никаде во светот и Европа, не може да се препише одговорност на операторот доколку некој ТВ канал емитува пиратерија. Едноставно операторите не може да влијаат врз програмските шеми на самите медиуми, бидејќи истите само го реемитуваат сигналот од каналите.”

За да го прочитате целосниот текст, посетете го сајтот на ИНРЕКОM:

КОМЕНТАР: (Зло)употреба на вонредната состојба за донесување додворувачки владини уредби

 

| ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Добитниците на награди на Струшките вечери на поезијата 2024

Со Меѓународен поетски митинг на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје, заврши 63. …

error: Содржината е заштитена!