Во сабота (20 јуни 2020-та), во ударниот термин на Алфа следува македонски филм за поддршка и афирмација на македонската кинематографија и историја.
“Црвениот коњ” e многукратно наградуван домашен филм, во режија на Столе Попов, а според сценарио на Столе Попов и Ташко Георгиевски. Главните улоги ги играат: Бата Живоиновиќ, Сабина Ајрула, Илија Џувалековски, Коле Ангеловски итн. Филмот е снимен врз основа на романот „Црвениот коњ“ на Ташко Георгиевски, чија премиера била одржана во 1981 година.
Дејството на филмот се одвива од крајот на Граѓанската војна во Грција до почетокот на 1960-тите. Македонците и Грците во егејска Македонија здружено се борат против фашистичката влада на тогашна Грција. Судбината на политичко прогонство ја доживуваат сите подеднакво. Народот се разоружува, а секој кој ќе повика на бунт, завршува трагично.
Во филмот се прикажува тешката судбина на Борис Тушев (го игра Бата Живоиновиќ) и неговите другари, кои ја трпат тортурата на грчката власт.
Во недела (21. јуни 2020), во истиот термин во 20.10 часот следува уште една екранизација на книжевно ремек дело, овојпат на Живко Чинго.
“Големата вода” е македонски филм од 2004 година, во режија на Иво Трајков. Главните улоги во филмот ги играат Сашо Кекеновски, Маја Станковска, Митко Апостоловски, Мето Јовановски и Верица Недеска. Музиката е создадена од Кирил Џајковски.
Филмот ја освоил Големата награда во Валенсија на филмскиот фестивал. Бил македонски кандидат за „Оскар“, во категоријата „Најдобар странски филм“ за 2004 година, но не успеал да добие номинација.
Ова е голема приказна за малиот Лем, неговите болни сеќавања, трауми од дејството и кошмари за една тажна македонска судбина. Ова е филм за животот на Лем во сиропиталиштето крај големата вода. Приказната што ќе ја раскаже стариот Лем за своето несреќно детство, не е обична приказна за страдањата на балканскиот Оливер Твист…
Тоа е приказна за пријателството, за љубовта, за добродетелта, но и за предавствата, за додворувањата… Тоа е приказна за Лем и за неговиот харизматичен другар Исак, но и приказна за судбините на Аритон, на неговата жена, на Оливера, на Ѕвонарот, на Професорот…
Дани | ТВ Пакет