Од понеделник (29 јуни) со почеток во 16.30 часот, доаѓа “Бруско” на Сител. Драматичната грчка сапуница за виното и љубовта повторно на малите екрани. Потсетете се уште од понеделник – како започна приказната за Мелина и Ахил, а по сеќавањето на случувањата од првата сезона, следуваат нови, уште повозбудливи и поинтересни продолженија на “Бруско”.
Романтична приказна за забранетата љубов која ја оживува вонвременската историја за Ромео и Јулија. Гледачите ќе уживаат во пејсажите на божествените острови Крит и Кипар, каде што е и снимана оваа серија. Голем дел од сцените се снимени токму на убавите полиња на винова лоза на Кипар, возбудливите плажи на Крит, богаташките вили на Никозија и улиците на преубавиот град Ханија.
Мелина е млада и убава девојка која една вечер, во еден бар во Атина ја прославува својата девојaчка вечер, пред да се омажи за богатиот Сифи, нејзиниот долгогодишен дечко од Крит.. Додека Мелина се забавува на една маса со другарките во тој локал, на масата ѝ пристигнува шише ‘бруско’, убаво сортно вино. Бруското е подарок од младиот Ахил за идната невеста.
Ахил во истиот бар слави ергенска вечер и сосема случајно ја здогледува Мелина, па решава на интрересен начин да ѝ ја честита идната свадба на непознатата девојка. Но, тоа вино и таа ноќ засекогаш ќе ги променат животите на Мелина и Ахил.
Пијани од бруско, двајцата ѝ се препуштаат на страста која ја носи безгрижноста, па така завршуваат во кревет, поминувајќи ја ноќта заедно. Следното утро, растревожена и посрамена, Мелина набрзина си заминува од собата и се враќа на Крит каде ја чекаат подготовките за свадбата.
А Ахил, не знаејќи го името на девојката, не може ниту да ја побара и да ја види повторно. И него го чека свадба со злобната Евридики, па затоа се враќа на Кипар.
Но, по свадбите, животите на Мелина и Ахил повторно се вкрстуваат. Семејството на Ахил и семејството на Сифи, сопругот на Мелина се партнери во винарскиот бизнис, па така продолжува приказната за виното кое ги спои нивните срца и кое ќе донесе лавина проблеми затоа што тие се несвесни за фаталните последици кои може да ги донесе таа врска.
Вака започна приказната на “Бруско”, а како ќе продолжи, гледаме од понеделник до петок на Сител.
Дани | ТВ Пакет