Почетна / Филм / Викенд на Алфа со македонските филмови „Пресуда“ и „Истрел“

Викенд на Алфа со македонските филмови „Пресуда“ и „Истрел“

И овој жежок јунски викенд, следува домашно кино на Алфа со класици од македонската кинематографија.

Во сабота во 15.50 часот ќе се потсетиме на “Големата вода”, македонски филм од 2004 година, во режија на Иво Трајков. Главните улоги во филмот ги играат Сашо Кекеновски, Маја Станковска, Митко Апостоловски, Мето Јовановски и Верица Недеска. Музиката е создадена од Кирил Џајковски.

Ова е голема приказна за малиот Лем, неговите болни сеќавања, трауми од дејството и кошмари за една тажна македонска судбина. Ова е филм за животот на Лем во сиропиталиштето крај големата вода.

Приказната што ќе ја раскаже стариот Лем за своето несреќно детство, не е обична приказна за страдањата на балканскиот Оливер Твис, туку приказна за пријателството, за љубовта, за добродетелта, но и за предавствата, за додворувањата.

Во сабота (27 јуни) во вечерниот термин од 20.15 часот, премиера на “Пресуда” на Трајче Попов. Партизанската драма зборува за Ангелов, кој  го напушта боиштето качувајќи се на еден воз и оди да ја види својата мајка, тукушто вратена од интернација.

Поради тоа, партизанот Ангелов е прогласен за дезертер и кога тој се враќа во бригадата го разоружуваат и врзан го носат до комесарот. Тој го испраќа голорак во борба, за да се избори за ново оружје. Во поставената заседа за германската колона, голоракиот Митко Ангелов убива еден германски војник и со неговото оружје сам пука во колоната камиони, бидејќи сите партизани од патролата, освен еден тешко ранет, се убиени.

Мислејќи и за него дека е загинат, Митко Ангелов плачејќи го остава до другите загинати и сите заедно ги покрива со суви лисја и гранки. Тројцата Германци кои го преживеаја нападот се кријат и гледаат што прави партизанот. Митко Ангелов се враќа во бригадата, но никој не му верува дека тој е единствениот преживеан.

Недела попладне во 15.30 часот, реприза на “Црвениот коњ”, многукратно наградуван домашен филм, во режија на Столе Попов, а според сценарио на Столе Попов и Ташко Георгиевски. Дејството на филмот се одвива од крајот на Граѓанската војна во Грција до почетокот на 1960-тите. Македонците и Грците во егејска Македонија здружено се борат против фашистичката влада на тогашна Грција.

Во филмот се прикажува тешката судбина на Борис Тушев (го игра Бата Живоиновиќ) и неговите другари, кои ја трпат тортурата на грчката власт.

И за крај на викендот, во недела на 28-ми јуни во 20.15 часот ќе се емитува култниот “Истрел” на Бранко Гапо од 1972 година. Филмот се темели врз вистинити настани за време на бугарската окупација во Втората светска војна.

Младината, чија храброст е без размери, и во Скопје за време на бугарската окупација во Втората светска војна, сакајќи ја слободата за својот народ, се решава на низа акции, меѓу кои најголема е атентатот врз бугарскиот агент и соработник со окупаторот Емануел Мачков.

По пристигнувањето на Емануел во началството, тој на своите агенти им наредува да обрнат големо внимание на младите од Дебар Маало, Пајко Маало и Чаир. Во меѓувреме, заради безбедно поминување на партизанскиот одред во близината на Скопје, во градот треба да се организираат низа помали акции кои би го свртеле вниманието на полицијата врз себе. Така другарите Дано, Доне, Игор и Боро преземаат акција на аеродромот, при што ги палат авионите. Како реакција, полицијата врши рација, собира само млади луѓе кои се изложуваат на големи мачења.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Зависност од коцка во британскиот трилер „Крупие“ петочки на МТВ 1

Еден млад писател сфаќа дека неговата нова работа може да биде совршена тема за роман. …

error: Содржината е заштитена!