Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. во соработка со Веган 365 Кујна и со помош на индивидуални донации од наши совесни сограѓани, во текот на мај и јуни подели близу 700 вегански оброци на загрозени категории на граѓани на територија на Град Скопје во рамки на проектот „Промени ја исхраната, промени го светот!“ поддржан со ад хок грант од програмата Цивика мобилитас.
Целта на проектот беше да се намалат последиците предизвикани од КОВИД-19 кризата, така што ќе се задоволат дел од основните човекови потреби кај социјално загрозени и маргинализирани категории граѓани, особено кај семејствата каде што или еден или повеќе од членовите изгубиле работа. Е.Д.Е.Н. делеше балансирани и хранливи вегански оброци изработени со љубов и посветеност од целосно природни и здрави состојки. Свесни сме дека храната е еден од најважните фактори кои влијаат врз човековото здравје, но и врз животната средина и врз животните – затоа Е.Д.Е.Н. цели кон редуцирање на антропогениот притисок врз животната средина и животните предизвикан од исхраната со животински продукти.
Во текот на спроведувањето на акцијата, Е.Д.Е.Н. оствари соработка со низа здруженија и активистички групи кои ги идентификуваа ранливите групи со кои тие работат и така се осигуравме дека донациите одат во вистинските раце. Е.Д.Е.Н. соработуваше со „ЕДНА МОЖЕ“, „ЛЕГИС“, „ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО“, „АМБРЕЛА“, „СТАР-СТАР“, „ХУМАНОСТ“, „ТРАНСФОРМА“ и „ХОПС“. Поделивме близу 700 вегански оброци на самохрани мајки, стари лица во социјален ризик, бегалци, Роми, трансродови лица, сексуални работници, корисници на дроги, бездомни лица.
– Влијанието на акцијата врз целните групи беше исклучително позитивно. Освен што придонесовме близу 700 наши сограѓани во социјален ризик да имаат здрав и вкусен оброк кој истовремено има најмал негативен ефект врз животната средина, дел од корисниците беа пресреќни што воопшто некој се сетил на нив бидејќи често се чувствуваат невидливи и отфрлени од општеството во целост.
На нашите страници на социјалната мрежа Фејсбук за целото времетраење на акцијата одеше едукативна кампања. Кампањата, соопштенијата за јавност и медиумските гостувања овозможија да допреме до поширока јавност и да ја информираме дека одделните системи на опресија во општествата имаат едно нешто заедничко – матрицата на злоупотреба. Интелектуално и физички супериорните луѓе безочно ги експлоатираат инфериорните на себе. Етичкото веганство како начин на живот, како идеологија, подразбира елиминирање на матрицата на злоупотреба, бидејќи подразбира ненасилство врз сите живи суштества кои живеат на Земјата, минимално негативно влијание врз животната средина и воспоставување силни микројадра каде што луѓето се независни и самостојно и одговорно управуваат со природните ресурси. – велат од здружението.
Инспирирањето макар и на само еден човек да се преориентира кон вегански начин на живот е можност да предизвикаме домино ефект од кој корист ќе имаат сите – и животната средина и животните, а најмногу човекот.
Дани | ТВ Пакет