Збирката раскази „Делфинот (приказни за видливото и невидливото)” на истакнатиот македонски писател Александар Прокпиев деновиве излезе од печат во превод на словенечки јазик. Издавач е КУД Апокалипса од Љубљана, а автор на преводот е Тим Сенчар.
За словенечкото издание на книгата, писателот, поет и критичар Јуриј Худолин ќе истакне:
„Делфин” е збирка раскази во која постмодернистичката интертекстуалност, типична за некои од претходните негови книги, е омекната со интимни засолнувања, приказни што итро се вградени во нарацијата, раскажани со класична тактика на наративност на настани со традиционални нишки. Писателот честопати се навраќа на детството, потоа продолжува со еротските сништа од тинејџерските години и за кратко време застанува на темата што ја претставува со алузија сродна со саркастичниот апсурд на Гогољ, можеби дури и хармсовски: во расказите „Патување на еден капут” и „Паричник” вешто и хумористично ги одгатнува моралните прашања што го погодуваат човекот кој копнее по недостижното; иако Прокопиев раскажува верижно и питко, во подтонот ги разоткрива големите теми, прашањата за човечката чест, совест и чесност. „Градот ја убива естетиката” или „Штом жената чувствува дека љубовта умира, станува загрижена” шепоти еден од неговите ликови Хорацио Цвикало. Кон женските ликови во своето пишување Прокопиев е плашлив, иако во никој случај не е бојажлив, ниту срамежлив; ги сака жените и тогаш кога со жената и нејзините постапки не се согласува.
Александар Прокопиев e посебен, интересен писател, кој разгледува најразлични теми, ерудит без ароганција и со интелектуален заплет на текстот. Кога пишува на историски теми и со алузии на познати личности, не ги бира поради одмазда, иако смесата за нив ја прави сам, така што приказната станува оригинална и единствена, полна со безвременски хумор. И токму затоа е автор за сите генерации.
Дани | ТВ Пакет