Од 2 ноември од 16.50 часот (со реприза во 21.50 часот и наредниот ден во 12 часот), на Прва скопска МТМ телевизија започнува емитување на руската маратонска сапуница “Тајните на младите благороднички”.
Првата сезона од оваа мелодрама пред десетина години беше емитувана и на телевизија Телма, под наслов “Девици благороднички”, а сега наместо локалните телевизии да понудат нешто ново и премиерно, тие ќе ја репризираат историската епопеја од првата епизода.
Се работи руска историска теленовела која е снимена од продукцијата “Новелла” (и емитувана на Россия1 од 4 октомври 2010). Богато костимирана и снимана на автентични локации, серијата е сместена во 1877 година, кога царска Русија е во војна со Турција, но фокусот е на тогаш надалеку познатиот Институт за младите благороднички, еден вид затворен интернат-гимназија која ја посетуваат исклучиво девојки кои се подготвуваат по матурата верно да служат, на царскиот двор.
Автор на сценариото е Юрий Беленький, а режисери Юрий Попович и Сергей Даниелян. Поради големиот успех, серијата доби и втора сезона, наречена Тајните на интернатот за девиците благороднички.
Во центарот на приказната е големата љубов меѓу Софија и Владимир во време кога мажите преку двобој ја бранеле честа на девојките, девојките наликувале на хероини од романите на Толстој, а љубовта успевала да ги надмине сите конвенции и перипетии од општеството. Софија, Мирјам, Варја, Тата, Асја и Катја се хероините со свои мечти и сништа за понатамошниот живот.
Софија е убава, млада и бунтовна девојка која доаѓа од сиромашно семејство. Нејзиниот татко бил убиен во една војна, но таа со нејзината благородна душа секогаш ги освојува симпатиите на останатите во училиштето.
Во договор со своите соученички, Софија една ноќ оди во старата празна куќа до Инситутот за младите благороднички. Таа сака да докаже дека легендата дека во огледалото може да се види идниот свршеник е невистинита и застарена. Во тој момент еден човек се појавува на огледалото и ја плаши Софија. Таа бега.
Тоа е всушност грофот Владимир Варцанов кој се вратил дома. Таа средба го менува животот на Софија и на останатите девици благороднички. Грофот Владимир се вљубува во Софија на прв поглед и покрај несреќата во неговото семејство. Иако Владимир решил повеќе да не се вљубува, сепак чистотата, убавината и великодушноста на Софија го заслепуваат.
И кога Софија се надева дека ја пронашла љубовта на својот живот, се појавува сопругата на грофот, парализираната Нина со која тој сеуште се нема разведено. Истовремено се дознава дека Софија е малолетна и единствен начин да не биде протерана од Институтот е да се омажи за пријателот на грофот Владимир, кнезот Андреј.
Љубовниците Софија и Владимир се соочуваат со големи проблеми. Нивната љубов е спречена од зависта на пријателите, од злобата на некои девојки и од традициите во тоа време.
На Софија многу и помага и нејзината другарка – турчинката Мирјам од истиот клас која ги крши правилата на Институтот во име на другарството. Миријам е ќерка на турски командант кој доаѓа во Русија и со тоа го загрозува нејзиниот престој во Институтот.
Тата е девојката која е вљубена во професорот по хемија Зотов. Таа работи како дадилка на неговите деца, но тој и покрај страста кон Тата, не може да ја остави својата смртно болна жена.
Асја е уште една девојка во училиштето која доаѓа од богата фамилија и која е ривалка на Софија и во љубовта и во работата.
Девиците благороднички ќе мора да ги почитуваат правилата на училиштето, но нивната возраст ќе бара и забранети нешта. Надвор од тој нивен затворен свет, Русија е во војна со Турција, а последиците од таа војна нема да ги поштедат ни младите благороднички.
Дани | ТВ Пакет