Почетна / Живот / Потписите за спас на Преспанско Езеро поднесени до Владата и МЖСПП

Потписите за спас на Преспанско Езеро поднесени до Владата и МЖСПП

Писмото од Активисти на Граѓанската иницијатива Охрид SOS во продолжение ви го пренесуваме во целост :

-“На 27 ноември (петок) 2020 г. до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање поднесовме 5522 потписи од петицијата: Барање за преземање итни мерки за спас на Преспанско Езеро, собрани од 25 септември до 25 ноевмри. Воедно, петицијата беше поддржана од 31 граѓанска организација.

Во прилог кон потписите беше доставен допис во кој се осврнавме на активностите за кои дознаваме преку соопштенијата на МЖСПП, како и дописот кој министерството го испрати до нас на 28 септември. Од тогаш, па до денес забележуваме напредок во однос на експертската група која работи на изготвување на акциски план. Но, нема никаква информација за трилатералното тело кое треба да работи на координирани мерки и активности со оглед на тоа што Преспанско Езеро припаѓа на три држави. Исто така, не се оствари ни најавата за можно прогласување кризна состојба во Преспанскиот слив како што се бараше и во петицијата, а беше најавено за 01 октомври, 2020 г.

Особено укажавме дека МЖСПП избира со јавноста да комуницира само преку оскудни и спорадични Фејсбук соопштенија. Изминаа 9 месеци откако „Надлежните институции (се собраа) на координација за преземање на итни активности за заштита на Преспанското Езеро“. Наместо тоа, состаноците станаа лајтмотив на „борбата“ за спас на Преспанско Езеро и јавноста сè уште има впечаток дека одлучни мерки не се преземени.

Иако на 25 септември беше побарано на веб-страницата на министерството да посветат посебна страница на Преспанско Езеро, МЖСПП си зема за право да одлучува дали и колку граѓаните ќе бидат информирани. Во оваа прилика го повторивме барањето за посветена страница со сите поврзани документи, тајмлајн, каде секој, во секое време ќе може да се информира за состојбата, најновите сознанија, мерките, што точно се работи и каков е напредокот. Исто така ја реафирмиравме потребата од прогласување кризина состојба за непречено и ефикасно спроведување на мерките како и интензивирање на прекуграничната соработка и дефинирање на работни задачи до крајот на годината. И секако, очекуваме акциски план кој беше најавен за крајот на ноември, а за кој сè уште нема информација, да биде објавен и ставен во акција час поскоро.

Петицијата ја оставaмe отворена со оглед на тоа што сè уште чекаме активности на терен, додека Преспанско Езеро продолжува да се празни. И ве повикуваме да ја поддржите со што јасно ќе кажете дека во услови на климатска криза, мора да се најде одржлив начин на управување. Третманот на нашето природно богатство, децениски запоставувано, но непречено искористувано, мора да запре!”

Активисти на Граѓанската иницијатива Охрид SOS

| ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Добитниците на награди на Струшките вечери на поезијата 2024

Со Меѓународен поетски митинг на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје, заврши 63. …

error: Содржината е заштитена!