Жарко Жаре Донински е фитнес тренер кој со оваа своја активност, а денес и работа, се занимава од својата 17-та година. Низ годините своите успеси ги бележи на Куп на Македонија во 2017. година со четврто место во категорија „физик“, а следната 2018. година на истиот натпревар го освојува првото место. Со оглед на тоа дека тој се занимава и со атлетика, истата година е носител на титулата трето место како Атлета на Македонија.
Тој е вистинскиот избор доколку сакате да работите на трансформација на вашето тело затоа што верува во своите способности да биде ментор и учител на одреден карактер кој што има потреба од помош во градење на добри навики, а со тоа и фитнес цели. На неговиот профил на Инстаграм може да дознаете повеќе за услугите кои ги нуди како приватен фитнес тренер.
Жаре Донински е ангажиран и во повеќе промотивни кампањи како фотомодел, а работи како тренер на полуперсонални лични тренинзи во Фитнес Клуб Фит.
Жаре, колку време одвојуваш за вежбање?
– Тоа зависи од времето што го имам на располагање, инаку не повеќе од час и пол вклучувајќи и вежби за загревање.
Како изгледа еден твој ден?
– Моите денови се релативно исти, си имам создадено рутина. Најчесто станувам околу 9 часот прво го пијам утринското кафе и појадувам, а околу 12:30 – 13 часот одам во теретана и започнувам со вежбање се додека не започнам со работа. Во 10 часот навечер си одам дома, вечерам и поминувам време со моите најблиски, и во 1 часот по полноќ си легнувам да спијам, се до следното утро.
Дали имаш фотографии од твојата трансформација?
– Не, затоа што започнав со теретана на 15 години и немав никаква целна трансформација, туку беше рекреативно.
Дали имаш “cheat day” во текот на неделата?
– За мене лично cheat day не постои затоа што тој оброк не може да те опорави од физичка активност.
Конзумираш ли алкохол?
– Да, љубител сум на убаво вино и се воздржувам да го внесувам во умерени количини.
Како изгледаат твоите оброци? Што е важно да се има во предвид кога се внимава на тежината и каков е твојот став за суплементи?
– Во денот имам 3 главни оброци кои што претежно се состојат од млечни производи, месо, јаткасти плодови, зеленчук и овошје. Лично јас не се согласувам луѓето да даваат премногу значење на телесната тежина затоа што тоа е само една бројка. Ставот околу суплементите е дека не ги препорачувам на моите клиенти затоа што сметам дека потребната количина на одреден суплемент може да се внесе и со правилна исхрана, и дека е залудно трошење на пари.
Што вклучуваат твоите тренинзи?
– Моите тренинзи се состојат од вежби за сила, издржливост и координација. Прво пред започнување на тренинг задолжително е загревање на мускулите и зглобовите за превенција од повреди. Секој тренинг се изведува различна група на мускули, така што акцент се дава на основните вежби.
Гладување и изгладнување – како ова влијае на телото и килограмите?
– Телесната тежина поради изгладнување ќе се намали, но со тоа ќе се намали и самата енергија во телото. Затоа изгладнување не е вистинско решение за намалување на телесна тежина.
Какво е твоето мислење за фитнес сцената во нашата земја? Колку навистина Македонците внимаваат на своето тело?
– Сметам дека имаме доста добра сцена поради популаризацијата на фитнесот во светот, но за жал пандемијата ги спречува и отежнува условите за тренирање. Околу внимавањето на своето тело е попопуларно кај младите отколку кај повозрасните.
За колку време може да се забележи разлика во изгледот на телото доколку се вежба редовно и се внимава на исхраната?
– Правилното изведување на вежби и правилната исхрана се меѓусебно поврзани, кога тие две работи се усогласени резултатите би се забележале за релативно краток период.
Три основни вежби кои ги вклучуваш во секој тренинг?
– Затоа што секој тренинг се вежба различна група на мускули и вежбите се различни, но три основни вежби кои се трудам да ги направам еднаш неделно се: чучањ, мртво кревање и потисок над глава. Тоа се основни вежби коишто вклучуваат повеќе мускулни групи.