“Напуштени” е турска семејна драмедија која претставува римејк на познатата британска серија “Shameless”, која претходно доби и популарна американска верзија. Турската адаптација на оваа семејна приказна се здоби со голема популарност во Пакистан и Индија.
Се запознаваме со едно семејство кое живее во едно од најсиромашните маала во Истанбул. Мајка им ги напуштила кога Филиз имала само 9 години, а помалите браќа и сестричката, биле речиси бебиња.
Оттогаш младото девојче кое и сега има само 20 години, машки го носи светот на своите плеќи. Филиз научила како е да се биде сиромашна, но исто време и силна и како да се надминат сите препреки што им ги поставува животот.
Девојката од срце и со душа се грижи за своите пет браќа и сестри, секој од нив различен, секој од нив со своја мака и свои потреби. Но и покрај суровиот живот, Филиз не му се предава на очајот. Таа е достоинствена и упорна девојка и се грижи за останатите деца како вистинска мајка. Внимава на нивното образование, не им дозволува да прават грешки, бескомпромисна е и строга кога доброто однесување е во прашање, зашто нејзин најголем страв е да не си го види семејството растурено, нејзините браќа и сестри да не се откажат од училиште и да не ѝ бидат одземени од страна на државата.
За да го држи семејството заедно, Филиз ги трпи сите непријатности од татко ѝ – алкохоличар и понекогаш мора да се однесува како и нему да му е мајка. Во нејзиниот живот нема место за младост, љубов, копнежи, соништа. Во името на семејството, Филиз ја отфрла секоја прилика што ѝ се нуди…
Но, еден ден, во животот на младата Филиз се појавува Бариш, младо момче кое ќе стори сé за да го освои срцето на Филиз и да стане дел од семејството. Бариш се вљубува во Филиз и прави сé што може за да го привлече нејзиното внимание. Но, после сите животни предизвици и потешкотии, девојката не верува дека во нејзиното срце има место за љубов, па ќе мора да ги потиснува чувствата кои ги развива кон Бариш.
Но, тука е и полицаецот Џенгиз, кој со години е заљубен и заштитнички поставен кон Филиз. Полицаецот ќе почне да открива детали од мистериозното минато на Бариш кои ќе реши да ги искористи со цел да го оддалечи од Филиз. Но, за Филиз и понатака следуваат тешки времиња во животната борба за своето семејство. Братчињата и сестричката зависат од неа, а нивната среќа е приоритет за Филиз.
Сите тие мора подеднакво да се нахранат, да се исперат, да се избањаат… па дури подеднакво и да се насмеат за на момент да заборават дека биле напуштени.
Дани | ТВ Пакет