Платформата за едукација на деца и млади „Училница“, организира бесплатна, еднодневна работилница за креативно пишување со деца од 9 до 14 години.
Работилницата ќе се одржи на 5 јуни, сабота, со почеток во 11 часот, пред просторијата на „Училница”. На работилницата ќе се изведат неколку интерактивни вежби за креативно пишување, со цел поттикнување на досетливо изразување, иновативност и логичко размислување кај децата.
Часот ќе содржи три вежби – „Од збор до збор приказна”, „Како да создадеш книжевен лик со кој не би бил другар?” и „Кој се плаши од поезија?”.
„Преку вежбите ќе научиме како да напишеме драматичен пресврт и како да ја направиме приказната непредвидлива, како да ја развиваме креативноста и да ги тестираме границите на имагинацијата. Преку игри со заеднички придонес ќе ја завршиме работилницата со интерактивна вежба за пишување поезија”, објаснуваат организаторите.
Работилницата ќе ја водат Ивана Смилевска и Марија Бошковска кои ја менторираат Училницата за креативно пишување, а воедно се дипломирани компаратистки на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. За да се пријавите на еднодневната работилница, потребно е да ја пополните онлајн апликацијата за учество. Истата можете да ја најдете на Фејсбук страната на Училница.
Настанот е од отворен карактер, но обезбедете си го вашето место со брзо пријавување. Бројот на деца е ограничен, објаснуваат организаторите. Оваа работилница е вовед во целосната Училницата за креативно пишување, чија што програма можете да ја погледнете на следниов – линк.
Училница е платформа за едукација на деца и млади. Тука искуствено ги развиваме вештините за реализација на детските афинитети. На работилницата строго ќе се почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19 – носење маски, одржување физичко растојание и задолжителна дезинфекција.
Дани | ТВ Пакет