В четврток (14.10.2021), со почеток од 19 часот, во културниот центар и кафе-книжарница „Везилка” во Битола, ќе се одржи промоција на книгата „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)” од Александар Прокопиев.
За книгата ќе говори писателот и критичар Сашо Огненовски.
Книгата претставува заокружување на 40 годишното творештво на оваа исклучително интересна, прониклива хибридна книжевна форма по која авторот е препознатлив, насловена „антиупатства за лична употреба”, а која содржи кратки прози, поезија и есеи. За книгата, рецензентот Ацо Пероски, ќе истакне:
„Како и секое исклучително книжевно дело, „Антиупатствата за лична употреба” на Александар Прокопиев тешко може да се опишат накратко, но затоа е многу лесно „на долго и на широко” да се препорачуваат како врвен деликатес за секој читател, а особено за онаа сè почеста категорија читатели кои се љубопитни за книжевните експерименти, жанровските игри, пресвртувањето на конвенциите и кои трагаат по дела што ќе ги надминат нивните очекувања. За таквиот љубопитен читател, „Антиупатствата” на Прокопиев се неизбежно четиво. Ако сепак се зафатиме со обид некако да ја опишеме оваа разнолика, повеќеслојна и комплексна книга, веројатно би требало да тргнеме од фактот дека „Антиупатствата за лична употреба”, всушност. се книжевен проект кој излегува од вообичаените рамки на книжевно дело што се објавува во едно издание…
…„Антиупатствата” се книга која со својот вкус го буди читателот во секој од нас, книга родена од вечно младешката заљубеност во книгите, книга поради која човек посакува да стане писател затоа што сфаќа дека, за да се биде писател, неопходно е да се биде читател.”
Александар Прокопиев e прозаист и есеист. Роден е во Скопје, 1953 г. Доктор по книжевни науки. Предава на постдипломските културолошки студии при Институтот за македонска литература во Скопје. Основоположник на постмодернизмот во современата македонска литература. Автор на дваесетина прозни книги. Во 2012 година ја добива престижната меѓународна книжевна награда „Балканика” за збирката раскази „Човечулец”. Делата на Прокопиев се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски, бугарски, арапски, албански, словенечки, хрватски и други јазици.
Книгата е објавена е со поддршка од страна на Министерството за култура на РСМ.
Дани | ТВ Пакет