Од денеска, 05.05.2022 год., регионалните и локалните радиодифузери ја прекинуваат програмата со аудиовизуелната содржина -Штрајк, на секој реален час по 5 минути и престануваат да следат настани од дневно-информативен карактер во регионот во кој емитуваат програма, информираат од здружението, Медиум Објектив.
Согласно одлуката на Здружението и известувањето од 16.04.2022 до надлежните институции, за почеток на штрајкот и негова реализација од 26.04.2022 година, регионалните и локалните радиодифузери, изминатите 10 дена по половина час во прајм тајм ја прекинуваа програмата со аудиовизуелна содржина, во која се наведува дека изразуваат револт заради игнорантскиот однос кон барањата на Здружението и неговите членки, испратени и препратени повеќе пати до Владата и надлежните институции уште од месец ноември 2021 година.
“Од Владата и надлежните институции до денеска нема никаков одговор и затоа штрајкот продолжува со втората фаза односно со прекинување на програмата секој реален час по 5 мин. и непокривање настани од дневно-информативен карактер во локалната заедница во која емитуваат програма”, велат од Медиум Објектив.
Во дописот до Владата, како што информираат оттаму се барало дискусија околу актуелната лоша состојба на регионалните и локалните радиодифузери и решавање на следните проблеми: Владата да донесе Одлука со која ќе обезбеди дополнителна финансиска помош од 50% за покривање на трошоците за надоместокот за дозволите за 2022 година, да се покријат трошоците за дигиталниот мултиплекс 2022 година кон А1 Македонија за регионалните тв станици кои емитуваат програма преку ДВБ-Т и да се надоместат трошоците на оние тв станици кои емитуваат програма преку оператор на јавна комуникациска мрежа и кон истиот вршат плаќање. Понатаму се бара измена и дополнување на членот 102 од Законот за ААВМУ со конкретен предлог и измена и дополнување на одредени членови во Законот за медиуми и Законот за ААВМУ во делот на формулата за плаќање на дозволата, во делот на висината на казнените одредби и во одредени уредби кои произлегуваат од законската регулатива. Регионалните и локалните радиодифузери исто така бараат формирање т.н Фонд за медиуми со кој би се субвенционирале програмски содржини со регионална и локална тематика, заради развој на програмската понуда и стимулитрање на демократскиот плурализам во општеството.
Од Здружението велат дека штрајкот ќе трае се додека Владата и надлежните институции не понудат решенија за настанатите проблеми или не создадат услови за преговори.
Дани | ТВ Пакет