Очигледно ќе треба да се навикнуваме дека две од националните телевизии ќе емитуваат и понатака репризи на веќе емитувани емисии и серии во својата програма. И тоа не само во термини кои се помалку атрактивни, туку буквално и за време на цеиот прајмтајм.
Па така, на Телма од 19.15 часот, веднаш по централните вести (кои за среќа се премиерни), започнува маратон на репризи од серии.
Британската “Викторија” е прва во редот, по што следува српска реприза во 20.30 часот, па повторно во 22.15 часот уште една српска, па во 23 часот реприза на “Менталист”, па од полноќ повторно репризи на репризите на серииве. Во викенд прајмтајмот нема репризи на серии, но затоа репризи на играни филмови, многупати претходно прикажани.
И овој концепт трае веќе од крајот на мај – почетокот на јуни. До кога, не знаеме.
Слично е и на Алфа. Освен тоа што реемитуваат турска серија во својата програма, своевремено прикажана на Сител, на Алфа се прикажуваат репризни изданија од дебатната политичка емисија “Што не е јасно”.
Токму така, репризи на политички емисии. Наместо премиерна серија, филм, шоу, цртани… гледачите се приморани да гледаат реприза на политичка емисија секој ден од 18.15 часот. А по неа, стандардно веќе со месеци одат репризи на српски риалити емисии.
И тоа трае, и трае, и трае…
И после, нека не се чудат зошто гледачите одбрале порадо да следат Сител и Канал 5 или евентуално кабловски телевизии. Таму не одат со месеци репризи на серии и емисии во ударни термини. Дури и локалните телевизии или ТВ 24 како кабловска, емитуваат премиерни серии и документарни емисии за време на летните месеци.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги нема никаква надлежност да реагира за овој проблем. Но, затоа ние сме тука да посочиме, критикуваме и со надеж дека ќе промениме нешто во програмските шеми на овие две телевизии. И сето тоа во име и за нашите читатели и гледачи на телевизиските програми.
Додека балканските телевизии наголемо ги најавуваат новите програмски шеми со нови сезони на Милионер, Фарма, Совршена вечера, Задруга, The Voice, домашни серии и теленовели, домашни реални шоуа и формати, на Алфа и Телма непречено течат репризи.
Емитување на светски формат е несомнено мисловна именка за овие две телевизии.
| ТВ Пакет