Почетна / Забава / Евровизија / Евровизија | Малме ќе руши рекорд на земји учеснички

Евровизија | Малме ќе руши рекорд на земји учеснички

 

Вообичаено за овој период од годината, листата на земјите учеснички полека доаѓа кон својот крај и се чека уште неколку национални телевизии да го потврдат учеството на наредната Евровизија или евентуално да се откажат. На мапата на сигурни учесници за 58. издание на Евровизија во Шведска засега има обоено 36 територии. Покрај 36-те веќе официјално потврдени учесници, уште неколку земји објавија дека немаат намера да не пратат свој претставник, но сепак се чека конечна потврда. Тие земји се Босна и Херцеговина, Црна Гора, Сан Марино и Словачка. Земјите кои настапувале во некои од претходните изданија, но нема да настапуваат во 2013. се: Андора, Чешка и Монако. За учеството на нашата земја и Русија пишуваа многу евровизиски интернет сајтови, но сепак официјална потврда од националните телевизии нема. Но, поради одличните остварени резултати на Евровизија 2012. (Русија-второ, а Македонија-тринаесетто) се очекува за многу кратко време да потврдат.

 

 

На кој се чека?

Португалија се уште не ги открила своите планови за Евровизија, но навистина би било штета националниот избор со најдолга традиција да згасне. Португалскиот „Festival da Canção” трае речиси 50 години. Полските фанови неодамна пратија писмо до полската национална телевизија во која наведуваат дека се надеваат на враќање на нивната земја на ова европско музичко натпреварување. Да потсетиме дека Полска одлучи да ја прескокне Евровизија 2012., а како главна причина за тоа нивната телевизија ја наведе организацијата на Европско фудбалско првенство годинава, на кое беа домаќини заедно со Украина.

Математика

36 сигурни земји + 4 од оние кои се „многу веројатни да настапат“ (БиХ, Црна Гора, Сан Марино и Словачка) + Русија и Македонија + Полска и Португалија = 44! Па, доколку во меѓувреме нешто не тргне на лошо, тогаш Полска и Португалија ќе одлучуваат за рушењето на рекордот за земји учеснички. Инаку, Белград 2008. и Дизелдорф 2011. ги држат рекордите со по 43 земји учеснички, а дали Малме ќе успее да им се изедначи или пак да отиде еден чекор повеќе, ќе дознаеме многу наскоро.

 

 

 

Боби Китанов | ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Програмски совет на МРТ : Да направиме напори за учество на Евросонг

Програмскиот совет на МРТ како тело по третпат, односно трета година по ред, сме сложни …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!