Почетна / Телевизија / ТВ Емисии / Како се снаоѓа Стезо како таксист низ градскиот метеж?

Како се снаоѓа Стезо како таксист низ градскиот метеж?

Сите што налетале на некоја епизода или кратко видео од серијата ТВ Такси 28 знаат кој е таксистот Стезо. Тоа е оној препознатлив наш народен сезнајко, херој од маало, лик кој секогаш има идеја за решение на секој еден проблем. Сите познаваме по еден таков кој што ти доаѓа дома и ти поставува електрична и водоводна инсталација, а во паузата додека лепи плочки, молерисува и договара такси транспорт со кајче, со голема самодоверба и леснотија „ги решава“ проблемите на светската политика. Го прашавме актерот Стрезо Стаматовски како се снаоѓа како таксист низ градскиот сообраќан метеж.

  • Како ти се случи ТВ Такси 28?
    Како сé друго што се случува во животот: неочекувано, случајно и спонтано. Ми заѕвони телефонот едно попладне, во еден бурен период исполнет со многу ангажмани, гласот од другата страна ми се претстави како Дики (Димитар Сеизов), режисерот на емисијата. Ми го објасни концептот на емисијата, надолго и нашироко и улогата која што треба да ја играм, јас половина не разбрав, половина не слушнав и само реков: „Ајде да се видиме.“ После неколку дена отидов во студиото на Moonlight продукција и таму запознав луѓе кои од газерот на нивните срца ја сакаат својата работа, луѓе кои се посветени максимално на остварувањето на зададената цел и кои си помагаат еден на друг во реализирањето на планот. Енергијата им циркулираше како да се сите од една фамилија. Тоа беше за мене оној пресуден момент за да го прифатам ангажманот. Се разбира дека игра голема улога и оригиналноста на идејата и концептот.
  • Зошто ти е предизвик проектот?
    Најмногу заради желбата да биде позитивно прифатен од пошироката јавност, да биде што подолго во етер, да има самооддржливост и да се родат нови идеи за нови проекти во иднина со овој тим.
  • Каква е твојата улога во серијата?
    Покрај мојата примарната улога како шофер на комбе „Такси 28“, мојата улога во серијата е да го оживувам ликот на Стрезо, кој морам да кажам дека е доста различен од мојот хабитус. Тој лик е архетип за онoј препознатлив наш народен сезнајко, херој од маало, лик кој секогаш има идеја за решение на секој еден проблем. Сите познаваме по еден таков кој што ти доаѓа дома и ти поставува електрична и водоводна инсталација, а во паузата додека лепи плочки, молерисува и договара такси транспорт со кајче, со голема самодоверба и леснотија „ги решава“ проблемите на светската политика, генерациските разлики, екологија, култура итн.

  • Возиш ли навистина низ скопскиот сообраќај додека се снима?
    Би рекол дека повеќе лазам отколку што возам низ скопските улици, но да, навистина возам. Не е мамено! Интересното е што јас не ги познавам добро споредните улички низ Скопје и често знам да залутам. И кога тоа ќе се случи, тука е Дики кој седи до мене, и додека снимаме, од позади камерата ми дава насоки накаде да возам. Абе, добар режисер е оној кој знае да ти го покаже вистинскиот пат 😀

  • Како реагираат минувачите на вашето такси и гледачите на серијата?
    Досега добивам само позитивни рекации за серијата, што од телевизиски гледачи, што од „скролачи“ на социјани платформи. Изненадени се позитивно од хибридниот концепт, спонтаноста на играните делови и ненаметливиот и неагресивен хумор. Полека почнува да добива на препознатливост и популарност и нашето комбе. Засекувам доста погледи од минувачите додека возам низ улиците на градовите. Луѓето се обидуваат да фрлат поглед во внатрешноста и да ја демистифицираат магијата на снимањето. Нетрпеливите возачи пак, се друга приказна. Колку само пцовки и сирени биле упатени кон мене во овој период, број нема, но и тоа е дел од улогата, нели? Имав и една случка каде што една повозрасна госпоѓа ми пријде и ме праша кои денови и во колку часот возам за Белград. Се обидов да и објаснам на кратко кои сме и за што служи ова комбе, но таа упорно продолжи да ме распрашува за возниот ред. Ми побара и телефонски број за да ме исконтактира, но ете, до сега не ми се има јавено. Можеби нашла друга компанија.
  • Како е да се работи со Ана и Стефан?
    Tројцата си „кликнавме“ во првиот момент кога се видовме. Тоа ретко се случува. Се надополнуваме, соработуваме и функционираме како едно. Ана е прекрасна новинарка и тимски играч со одлична километража позади себе нa телевизија, хипер енергична и знае како да „боде“ со прашања за да го сруши оној „одбрамбен ѕид“ на соговорникот со цел да дојде до суштински одговори. Стефан е… Абе да е жив и здрав! Се шегувам. Стефан е мулти талентиран млад актер со кого е задоволство да се работи заради неговата податливост, внимателност и точност во исполнувањето на сценските задачи. Со леснотија можеме да импровизираме со него, а тоа се должи на пријателскиот однос кој што го градиме и позади камерите.

  • Кое е најнеочекуваното искуство од досегашното снимање?
    Заради самиот концепт на серијата секоја една епизода е ново искуство, нова авантура. Но, како најнеочекувани искуства досега би ги издвоил дружењето со дечките од „Аероклубот Скопје“ и запознавањето со нивните воздухоплови од близу, и пеењето рап песна со Стефан. Никогаш не сум помислувал дека ќе рапувам нешто во животот. Ја сакам музиката и многу сакам да пеам и музицирам, но рапот никогаш не ми влегол под кожа. Не ми се допаѓал особено и никогаш не сум ја слушал таа музика. Но, после оној прв обид некако ми се допадна и размислувам да му предложам на Стефан да направиме уште неколку „парчиња“, но не кажувајте му зошто ќе ми се прави многу важен.

Серијата ТВ Такси 28 се емитува секоја сабота во 9.30 наутро на МТВ 1, а може да ја гледате и на YouTube каналотTVTaxi 28. Проектот е во продукција на Мунлајт, финансиран од Европската Унија.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нова сезона од фолк емисијата „На здравје“ секоја недела на Алфа

Четвртта сезона од музичката фолк емисија “На здравје” на Алфа телевизија. Секоја недела од 16.15 …

error: Содржината е заштитена!