По блескавите концерти во Лондон, Тбилиси, Загреб и Ленгерих, нашите реномирани уметници, пијанистот Дино Имери и маестра Дијана Имери Илкоска, ќе приредат вистинско музичко доживување и во Скопје.
На 4 декември (понеделник) во Камерната сала на Филхармонија во 20 часот, ќе одржат концерт под наслов „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“, на кој Дино Имери ќе се претстави како солист на пијано, а под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, ќе настапи и Камерниот оркестар „ID“, составен од реномирани музичари.
Како што кажува и самиот наслов, на програмата се дела од еден од највозбудливите романтичари и револуционери во историјата на музиката – Фредерик Шопен: Балада бр. 1 оп.23 во g-moll, Прелудиум оп.28 бр.4 и бр.8, Валцер оп.64 бр.2 во cis-moll, Валцер оп.64 бр.1 „Минутен“, „Херојска Полонеза“ оп.53 во As-dur, како и фантастичниот Концерт за пијано и оркестар бр.2. во f-moll.
Со овој концерт, „волшебникот на пијаното“ (Magazine, OPS) и „диригентката која може да ги оствари сите свои диригентски креации и замисли“ (маестро Лајовиц), Дино Имери и Дијана Имери Илкоска, ќе ги спојат силите заедно со Камерниот оркестар „ID“ и ќе ја заокружат концертната година на еден мошне уникатен начин.
Наедно, концертот пригодно ќе го одбележи големиот јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и Република Полска, а настанот е поддржан од Министерството за култура и Амбасадата на Полска.
Билетите се достапни на сервисот мktickets.mk и нивните продажни места.
Дани | ТВ Пакет