Вистината беше болна колку што беше и шокантна. Енцо негираше со главата, додека очајно гледаше во својата помлада сестра, очекувајки од неа да го негира кажаното.
– Не, сорела, тоа не е вистина. Те излажале…
– За жал, тоа е вистината, Енцо. Ти си син на дон Ињаки Кастењон.
– Не, не…
Одмазда – љубов и смртна казна
Продолжение 32 – „Енцо е Кастењон“
Вистината беше болна колку што беше и шокантна. Енцо негираше со главата, додека очајно гледаше во својата помлада сестра, очекувајки од неа да го негира кажаното.
– Не, сорела, тоа не е вистина. Те излажале…
– За жал, тоа е вистината, Енцо. Ти си син на дон Ињаки Кастењон.
– Не, не…
– Ми призна мајка пред да умре. Ти и дон Фаусто носите иста крв.
– Не!, – болно крикна Енцо. – Не, јас ја носам крвта на мојот татко, Лука Анџели.
– Не, Енцо, во тебе тече крвта на Кастењон. Во тебе тече шпанска крв, не италијанска. Затоа и не сакав да се гледаш со госпоѓа Естер, која е сопруга на твојот брат.
– Зошто не ми го кажа ова кога дојдов на Темпестад, по ѓаволите?
– Сакав, – низ солзи призна неговата сестра, но Енцо немаше нерви да ја сослуша. Ја напушти кујната цо брзина на ветер.
– Мадона миа, чувај го те молам.
Младиот Рикардо се разбуди во паника. Одвај се сеќаваше на претходната ноќ, а врвот беше кога откри дека торбата е празна, дека ги загубил или му ги украле сите пари. Антенор го чекаше со одуздани коњи пред куќата на тетка Кармен.
– Не можам вака да се вратам на Темпестад, Антенор. Татко ќе ме убие кога ќе дознае дека се враќам без пари.
– Жалам. Јас Ви реков да се вратиме на фазендата, но вие не сакавте да ме сослушате, господине.
– Мораме да најдеме решение.
– Ваше е да најдете решение. Мене не ме мешајте во Вашите лаги.
– Во ред. Јас ќе разговарам со татко, а ти ќе молчиш. Јасно?!
Кога младиот Кастењон со надзорникот се вратија назад на Темпестад, Фаусто ги забележа коњите преку верандата, па ја згасна цигарата и појде да види во што е проблемот штом се враќаат толку рано.
– Тато, се случи нешто страшно, – почна Рикардо, слегувајки од коњот. Имаше цел пат од селото до фазендата да размисли во кој правец да ја води лагата. – Не нападнаа по пат.
– Што?
– Беа тројца или четворица друмски бандити, не се сеќавам најубаво…
– Каде е торбата?
– Ја зедоа.
– Како можеше да се случи ова? Те пратив лично тебе за да не дојде до вакво нешто, – вилицата на Фаусто се тресеше од бес.
– Сигурно беа истите бандити кои ја нападнаа Кристина, – лагите на Рикардо немаа крај. – Ти имаше право татко, опасно е да се движи по тие патишта.
– Дали е вистина она што го говори мојот син?, – Фаусто го праша надзорникот, кој го сметаше за човек од доверба.
Антенор молчеше. Дали да ја загуби довербата на газдата поради будалештините на младиот Катењон?
– Те прашав нешто, Антенор!, – процеди Фаусто.
– Не, господине, младиот господин лаже. Господинот Рикардо ги загуби парите во борделот на тетка Кармен.
Рикардо почуствува како го губи тлото под нозете. Беше уверен дека Антенор ќе ја држи неговата страна. Пред да успее да каже било што, ги почуствува силните раце на својот татко како го зграпчија за јаката на палтото.
– Каде се тапиите кои требаше да ги однесеш на нотар?, – никогаш во животот го немаше видено толку бесен, а знаеше да го види често во таква состојба, но не како денес. Во очите му гореше жар на гнев.
– Ги загубив…
Силна тупаница од цврстата рака на Фаусто направи неговиот син да се затетерави како лист на ветер. Се струполи на подот, удирајки во бунарот за вода.
– Ќе платиш за ова, Рикардо.
Лукреција побара од слугинките да и подготват топла купка во бањата. И требаа неколку часа излежување во миризлива купка за да се опушти и да заборави на се што се случи изминатите денови. Ја слече сатенската ноќница од себе и пред да влезе во кадата, Анибал ја отвори вратата од бањата, сметајки дека нема никој во неа.
– Извини, – рече кога ја забележа Лукреција, гола.
– Анибал, влези, знаеш дека е не ми пречиш.
Тој стоеше немо на вратата, не можејки да го отргне погледот од сензуалните облини на провокативната тетка.
– Ќе се вратам подоцна, – одвај прошепоте, па излезе од бањата. Лукреција кокетно се насмевна пред да легне во миризливата купка.
Елиса беше помолчелива и поповлечена тоа утро од претходно. Не можеше да престане да размислува за синоќешната средба со Енцо во градината. За разлика од неа, нејзината братучетка Алис делуваше видно расположена тоа утро. Се смешкаше додека ја средуваше косата пред огледалото во собата.
– Ти се верува ли кога рече дека ќе се омажи за Анибал?, – се сеќаваше на нејасните испади на својата мајка. – Елиса, дали ме слушаш?, – ја праша својата роднина, гледајки ја како е отсутна преку огледалото.
– Извини?
– Што ти е? Размислуваш за саканиот? Знаев.
– Не можам да престанам да мислам на него.
– Зошто не ми кажеш кој е.
– Не можам.
– Ајде, Елиса, те молам.
– Се колнеш дека нема никому да кажеш?
– На никого. Моите усни се запечатени.
– Добро, – рече Елиса и длабоко воздивна. Ова беше голем чекор за девојка како неа која ретко ги изразуваше пред други своите емоции. – Човекот во кој сум вљубена е…Енцо Анџели.
– Вљубена си во Енцо Анџели? Не можам да поверувам.
– Сметаш дека е грешка?
– Не напротив. Сметам дека тој е идеален маж за тебе. Забранета љубов. Ах, колку романтично. Иако, морам да ти признам Елиса, дека си многу похрабра одошто мислев.
– Алисиња, те молам немој никому да кажуваш.
– Секако дека нема. И тој? Што вели?
– Мислам дека Енцо е вљубен во друга жена, – со грутка во грлото одговори Елиса.
– Во друга жена? Која? Дали ја познаваш?
– Не знам.
– Не биди таква. Јас ќе ти помогнам да заборави на таа друга жена.
– Навистина?
– Секако, – потврди Алис. – Не знаеш колку само те разбирам. Кога се љуби како што ти го љубиш Енцо, секој вложен труд за да го придобиеш неговото срце е одобрен. Вреден. Крени ја главата, будалче. Ајде да одиме да прошетаме, сакам да слушнам се за таа твоја љубов.
Фаусто избра тежок начин за неговиот син да ја добие заслужената казна. Канзата беше да работи на фармата, во шталата и на амбарот цел месец, без ничија помош од работниците. Го истовари целиот багаж од кочииите во амбарот. Кога ја спушти последната тешка вреќа со пченкарно брашно, се потпре на столбот, исцрпен и жеден. Во истиот момент до него пријде Моналиса, со бокал лимонада и чашка на послужавник.
– Погледни што ти донесов за да се освежиш.
– Ти благодарам, малечка. Како Господ да те пратил, – рече тој и посегна по подадената чаша.
– И како ти се допаѓа тешката задача?
– Нема ништо убаво во тоа, – огорчено одговори тој.
– Сакаш мој совет? Сфати ја оваа казна како игра.
– Ако сакаш да си играме, тогаш ајде, – рече тој, ставајки ги своите раце околу тенката половина на девојката. – Замисли дека сме сопружници, би сакала?, – ја бакна нежно по вратот.
Моналиса се топеше на неговите бакнежи и милувања. Од мала беше вљубена во тоа момче и сонуваше еден ден да биде негова сопруга. Фалеше малце за да му се предаде целесно, да му ја даде својата невиност.
– Пуштете ја мојата ќерка!, – како гром низ амбарот одекна гласот на Антенор.
Естер го побара својот сопруг во работната соба со цел Фаусто да и објасни зошто Рикардо е казнет и зошто момчето работи под врелото сонце, работи кои не му прилегаат на еден Кастењон.
– Ти кажав дека тоа не е твоја работа, Естер, – со мирен тон и одговори Фаусто.
– Но имам право да знам што се случува со моите деца.
– Замолчи додека не почнеме да се расправаме, Естер. Подобро, погрижи се за твојата роднина. Спектакалот кој го направи сношти нема име.
Дискусијата помеѓу сопружниците Кастењон беше нагло прекинат кога во просторијата влезе Енцо. Ја отвори вратата од библиотеката како да ја поседува, влезе со споени веѓи и стегната брада.
– Добар ден, Фаусто, – го поздрави дрско.
– Што бараш ти овде? Кој ти даде дозвола да влезеш?
– Сакам да знам зошто не ни дозволувате да го имаме она што ми припаѓа мене и на мојата фамилија?, – праша директно, без заобиколувања.
– Што зборуваш, по ѓаволите?
– Вашиот татко и оставл парче земја од Темпестад на мојата мајка. Со тоа, јас и моите сестри сме сопственици на тој дел од фазендата!
Фаусто гледаше избезумено во Енцо. Од каде дознал за тој документ се прашуваше, додека Естер, за која сета оваа ситуација беше нова, се најде како помеѓу два огна, покрај својот сопруг од една страна и човекот кој го љубеше од друга.
Продолжува утре…
Јовица Крстевски | ТВ Пакет