Како што веќе пишувавме, лиценцираните верзии на светски продукциски шоу програми се значаен дел од програмската шема на секоја гледана и квалитетна телевизија во регионот, како и во Европа и светот.
Продуцирани по стриктно утврдени правила и консултантски инженеринг на добро обучени македонски и светски експерти во телевизиската сфера – ова се шоу програми кај кои нема отстапки или импровизации.
Напротив, правилата го утврдуваат текот, а домашната продукција и целиот тим ја прилагодува франшизата за потребите и менталитетот на локалната ТВ публика.
За жал, многу малку телевизии во Македoнија досега успеаа да го направат тоа. За А1 и Сител веќе пишувавме, но сега ќе ги спомнеме и другите телевизии кои во минатото на задоволство на многумина откупуваа формати и истите ги прилагодуваа за нашата публика.
Па така, Алфа ја снимаше Најслабата алка со Живкица и Земи или остави со Џамбазов, МРТ – Танц со ѕвездите, а Канал 5 многу кратко по згаснувањето на А1, прикажа неколкумесечно издание на Тркало на среќата.
А сега, единствено телевизија Сител успева да го следи колку-толку светскиот тренд и да продуцира три формати. Но, за жал, и таму ништо ново – три исти формати неколку години по ред, ниеден нов и свеж за телевизиската публика.
Да не зборуваме за другите домашни телевизии во денешно време, кои абер немаат од следење на некакви телевизиски пракси како што постојат секаде во светот, па одлучија публиката да ја анимираат со студиски политички подкасти, утрински и контактни емисии, ток шоу содржини со македонски јавни личности кои беа веројатно нешто ново и интересно за 90тите години, ама денес?
За споредба, нема да одиме во телевизиските бизниси во светот. Ќе се задржиме на регионот.
Во соседна Бугарија во моментов на двете најголеми комерцијални телевизии одат Who wants to be a millionaire?, The Bachelor, Dancing stars, MasterChef, Your face sounds familiar, Desafío, Hell’s kitchen, Family feud, Come dine with me …,
… a претходно и The farm, Wer weiß denn sowas?, Survivor, Wife swap, The Voice, Got talent, Undercover boss, King of mask singer, итн.
Во Србија, Црна Гора и Хрватска е актуелна новата верзија на Срвајвер, популарното шоу за преживување кое во недостиг на домашна верзија, македонските фанови го следат преку интернет.
На Прва Србија одат “The weakest link” и “MasterChef” …,
на РТЛ Хрватска – Hell’s kitchen, The Biggest loser, Married at first sight, Dinner for Five,…
на Нова Хрватска – Who’s singing over there?, Tu cara me suena/Your face sounds familiar, Joker итн.
За други земји како Грција и Словенија да не правиме муабет.
Затоа, со оваа статија апелираме до македонските телевизиски водечки менаџери да ги следат примерите на околните земји и светските трендови и да започнат и продолжат со продуцирање на светски формати кои несмнено ќе бидат наголемо одобрени и гледани од македонската публика.
Дани | ТВ Пакет