Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од денеска ја почнува кривично-правната операција со кодно име Бумеранг, иницирана од Бојан Јовановски којшто лани на шефот на ова обвинителство, Ислам Абази, му предал повеќе од еден милион фајлови.
Адвокатскиот тим на Јовановски информираше дека предметот е оформен, а станува збор за сторени „кривични дела на високо профилирани лица, функционери, политичари, обвинители, судии, бизнисмени“.
Поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска, сите поранешни генерални секретари на СДСМ, меѓу кои и Оливер Спасовски, експремиерот и претседател Зоран Заев, се само дел од лицата против кои Боки 13 денеска поднел кривични пријави.
Тој образложил дека ова се само дел од кривичните пријави за кои изјавил дека има докази и непосредни сознанија.
„Именувани директори, лица кои вршеле јавни функции, судии и обвинители, ексфункционери – сите беа дел од кривично-правната операција Бумеранг. Имавме прв распит пред предметен надлежен обвинител. Се работи за кривични дела за изборни нерегуларности и измами, незаконско финансирање на политичка партија, злоупотреба на јавни набавки и средства. Станува збор за повеќе дела за кои се поднесени кривични пријави“, рече Јовановски.
Јовановски посочува дека предал докази за криминали кои се јавна тајна на Македонија:
„Мислам дека ќе произлезат предмети каде лицата од СДСМ ќе одговараат. Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службена положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е скоро во секоја пријава“, додаде Јовановски.
Извор: Точка , Скопје1.мк