Различни реакции следеа откако јавноста забележа дека спотот на евровизиската песна на Есма и Влатко повеќе не е достапен за прегледување на видео сервисот Јутјуб. Се појавија и шпекулации дека МРТ го отстраниле поради тоа што не бил прифатен добро па националниот сервис конечно се појави со демант.
„Спотот за кој јавноста до пред неколку часа коментираше дека е промотор на зданијата на проектот Скопје 2014 е отстранет од сите канали на Јутјуб. МРТ како и минатата година, дозволи целосна слобода во креативниот пристап и реализацијата на видео записот за песната којашто годинава ќе ја претставува Македонија на Изборот за Песна на Евровизија 2013 – во Малме, Шведска. Како официјална членка на ЕБУ, МРТ смета дека видео записот, комплетно изработен од Егзит Б Продукција, не ги задоволува стандардите и критериумите за достојно претставување на Македонија пред евровизискиот аудиториум и се оградува од него, кој поради програмската најава за директниот пренос на 27. февруари, мораше да биде емитуван.
МРТ децидно тврди дека: ниту го постирала, ниту го отстранила спорниот видео запис од било која веб-страна на интернет. Како носител на лиценцата за евровизискиот проект, МРТ ги има сите права за корекции и промени на комплетниот национален Евровизиски пакет, се до крајниот термин – 18-ти март 2013-та година, кога тој треба да се предаде на ЕБУ. МРТ се оградува од сите шпекулации и изнесени невистини во јавноста, за инволвираноста во идејното решение и реализацијата на видео спотот и сериозно размислува, за отпочнување на постапка за заштита на интересите и интегритетот на јавниот радио дифузен сервис.“, стои во демантот на шефот на Евровизиската делегација на Македонија, Љупчо Мирковски објавен на Вест.
Крис Манев | ТВ Пакет