Вчеравечер во просториите на Македонската телевизија, поточно во студиото на „Танц со ѕвездите“, се случи премиера на новата евровизиска песна за новинарите од македонските медиуми. Екипата на ТВ Пакет беше присутна на местото на настанот, но за жал нашите импресии можеме да ви ги пренесеме само во пишана форма. Од оправдани причини снимањето беше забрането.
Како што веќе објавивме, песната го носи името Пред да се раздени, а по она што ќе го слушнете вечерва ќе бидете доволно расположени за една добра урбана журка, бидејќи темата е носител на токму таков звук!
Нема да откриваме премногу за да не оставиме простор за избрзани заклучоци базирани на овој текст. Само ќе ве известиме дека критиките на јавноста се земени во предвид. Новата песна нема ниту една допирна точка со Империја, новата песна, всушност е одлична можност за истакнување на моќните вокални способности на Есма и Влатко. Ритамот е составен од два жанра на електронската музика – house и dubstep.
По овие информации веруваме дека создадовме вистинска мешаница во вашата глава околу тоа како изгледа финалниот производ, но и уште поголема желба да ја слушнете новата евровизиска песна којашто ќе биде промовирана вечерва во Дневникот на Македонската телевизија.
Крис Манев | ТВ Пакет