На програмата на Македонска радио телевизија од 3. јуни (понеделник) со почеток во 20 часот и 15 минути стартува „Бекстејџ“. Следење на новостите за светските хитови и ѕвезди, информирање за европски и светски настани, запознавање со новините од домашната сцена, следење на сите новитети од областа на културата и забавата во Македонија се само дел од содржините на „Бекстејџ“.
„Изминативе месеци променивме многу нештa во програмата. Понудивме поинаков концепт на телевизија, вложивме доста во сопствена продукција, како и во програма со светски познати серии. Тука не застануваме. ‘Бекстејџ’ е само продолжување на веќе започнатиот процес на менување на концептот на телевизијата. Македонската телевизија стана репер за останатите телевизии во однос на целокупната програма. Тоа беше и нашата цел“, изјави Диме Ратајковски, уредник на првиот програмски сервис.
„Преоѓањето на ‘Бекстејџ’ на МТВ е природен процес. Емисијата се разви во иста мера, паралелно со евидентниот напредок на Македонската Телевизија. ‘Бекстејџ’ и официјално е на јавниот сервис, а тоа значи дека на некој начин сме поблиску до граѓаните. Оваа соработка со МТВ за нас отвора нова страница во развивањето на нашиот концепт. МТВ како телевизија, има поголема моќ да ги пренесе светските случувања благодарение на технолошкиот развој, а и мисија да ги зачува домашните музички вредности. Ветуваме заеднички квалитетна програма“, изјави одговорниот уредник на ‘Бeкстејџ’, Александар Блажевски.
Естрадниот магазин Бекстејџ се здоби со Супер Бренд за 2013 – 2014 година што е само уште еден мерлив доказ за вредноста на овој проект со традиција повеќе од 5 години, достоен за трансфер во националниот сервис. „Бекстејџ“ ќе се емитува секој работен ден во терминот од 20:15 часот со времетраење од 15 минути.
* Естрадниот магазин „Бесктејџ“ беше создаден во 2008. година и последното емитување на Сител телевизија на оваа програма ќе биде запишано вечерва.
Крис Манев | ТВ Пакет