ПОЧИНА ДОЦ. Д-Р РИСТО ИВАНОВСКИ
првиот анестезиолог во Македонија
Во стотата година од животот, во својот дом во Скопје, почина доц. д-р Ристо Ивановски – првиот анестезиолог во Македонија. Со помош на д-р Ивановски, во 1954 година, на Хирушката клиника во Скопје беа удрени телемите на анестезиолошката дејност во државава. Една година потоа, започнува да се одвива и наставата по предметот по анестезиологија и реанимација за студентите по медицина и стоматологија, во рамките на предметот хирургија, а во 1959 година, д-р Ристо Ивановски беше избран и за прв доцент по анестезиологија на Медицинскиот факултет во Скопје.
Д-р Ивановски, заедно со проф. д-р Север Ковачев и д-р Миле Јовановиќ беше и еден од првите тројца специјалисти по антестезиологија во поранешна Југославија и единствен од нив кој до крајот на својот живот остана во својата држава.
Првиот македонски анестезиолог беше роден во 1914 година, во Прилеп. Средно образование имаше завршено во Битола, а Медицински факултет во Белград, во 1942 година. По ослободувањето на Белград, доброволно се пријавува за прием во армијата и е распореден во Петтата краишка дивизија во којашто е ангажиран како епидемиолог. По ослободувањето на пораншена Југославија, откога е назначен за командант на хигиенско-епидемиолошкиот одред на Првата армија, започнува и со специјализација по интерна медицина во Воената болница во Ниш, но во 1946 година е испратен на специјализација по анестезиологија во Белградската главна воена болница и постанува ученик на д-р Дејвис и д-р Шекелтон, истакнати англиски анестезиолози.
По завршувањето на специјализацијата во 1948 година е испратен во Воената болница во Загреб, со што д-р Ивановски беше прв и единствен анестезиолог во тогашна Хрватска – анестезиолог кој таму, во 1948 година ја даде првата ендотрахејална анестезија. Во текот на неговиот професионален престој во Хрватска, покрај работата во Воената болница, д-р Ивановски е ангажиран и во болницата за торакална хирургија за деца, како и во други здравствени организации на кои што им била потребна неговата стручна помош.
Д-р Ивановски доаѓа во Скопје во 1954 година и започнува да работи на Хирушкото одделение во Воената болница каде што останува сè до неговото пензионирање. Историски момент за анестезијата во Македонија е крајот на јуни 1954 година кога на Хирушката клиника во тогашната Државна болница во Скопје, професор д-р Оберхофер имаше абдоминална операција, а д-р Ивановски даваше анестезија.
Во рамки на неговата професионална наобразба, д-р Ивановски во педесеттите години на минатиот век беше и на усовршување во Единбург и Лондон, Велика Британија, по што и беше избран за доцент. Д-р Ивановски заминува во пензија во 1978 година, како полковник во тогашната Југословенска народна армија, по што професионално е ангажиран во Алжир, како претставник на Санитетското одделение на Армијата.
Сè до крајот на својот живот, д-р Ивановски ги следеше случувањата во македонската анестезиологија и новостите во анестезиологијата воопшто, давајќи им несебична помош на своите ученици и следбеници кои денес се двигатели на анестезиологијата во Република Македонија.
Комеморативна седница за доајенот на македонската анестезиологија ќе се одржи утре (19 јуни 2013, среда), со почеток во 15 часот, во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје, во организација на Здружението на анастезиолозите на Република Македонија, Болницата и другите институции во кои доц. д-р Ивановски работеше во текот на неговиот животен век. Посмртните останки на доц. д-р Ивановски ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта „Бутел“, во четврток (20 јуни 2013, четврток), од 9 до 10 часот, а погребната церемонија ќе започне во 10 часот.
Здружение на анестезиолози на Република Македонија | ТВ Пакет