Почетна / Забава / Евровизија / „Евровизија“, Македонија ќе ја чини 100.000 евра

„Евровизија“, Македонија ќе ја чини 100.000 евра

 

Ако не сме влегле во финале или не сме обезбедиле добар пласман, не значи дека треба да се откажеме, одговара Љупчо Мирковски од МТВ на дилемата дали треба да го преиспитаме учеството.

Копенхаген, односно Данска е земја-домаќин каде што во мај ќе се одржи изборот за песна на „Евровизија“. Меѓутоа, некои од земјите-учеснички веќе го откажаа учеството, а главната причина се финансиите. Босна и Херцеговина, Хрватска, Турција и Чешка се дел од земјите што нема да се појават на овој избор. Во соседна Србија веќе се постави прашањето дали воопшто треба да се учествува на тој фестивал, со оглед на тоа што оваа година ќе потрошат повеќе од 350.000 евра.

Ова, пак, ја отвора дилемата колку пари ја чини Македонија учеството на овој избор и дали воопшто треба да се учествува.

 

 

– Не можам да ви дадам точна сума на пари, можам да ви кажам за минатата година дека буџетот изнесуваше 32 илјади евра, но тоа не е реалната сума на пари што се потребни за едно учество. Учеството на „Евровизија“ е скапо, да. Како партиципација, ние како Македонија треба да дадеме 45 илјади швајцарски франци, а каде се сите останати работи. Можам да кажам дека вкупните трошоци ќе изнесуваат помеѓу 80 илјади евра и 120 илјади евра – вели Љупчо Мирковски, кој е раководител на музичка продукција на МТВ.

 

 

На прашањето дали Македонија треба и понатаму да учествува на овој избор, со оглед на тоа што некои земји се откажаа, тој вели дека ваквиот тип натпреварување е од национален интерес.

– Ако фудбалската репрезентација не се пласира на европско или светско првенство не треба да се распадне таа екипа или ако кошаркарите не успеале да изборат пласман. Исто ви е и ова, ако не сме влегле во финале или не сме обезбедиле добар пласман, не значи дека треба да се откажеме – беше јасен Мирковски, пишува Телеграф.мк.

 

 

| ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Копров: Апел до Министерство за култура да одвои пари за Евровизија

Григор Копров, еден од најпознатите македонски поп композитори и хитмејкер, кој работел со многу ѕвезди …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!