После една година пауза Македонија повторно ќе биде дел од учесниците на Детскиот евросонг, кој годинава ќе се одржи на 30. ноември во Kиев, Украина.
Со овој потег Македонската радио-телевизија, организатор на националниот детски евровизиски избор, се приклучува во промовирање на нашата земја преку музиката.
– „Сметаме дека овој настан, кој се емитува во многу европски земји, претставува шанса да се промовира Македонија. Манифестацијата му овозможува на секој учесник и на земјата од каде што доаѓа соодветен третман и голем простор за презентација и на музиката и на нејзините убавини“ – вели Раде Спасовски, шеф на македонската евровизиска делегација.
Годинашниов евровизиски избор во Kиев ќе го водат Злата Огневиќ, која ја претставуваше Украина на годинашната Евровизија, и Тимур Мирошниченком. Тој беше водител на овој избор и во 2009. година.
Детскиот евросонг првпат се одржа во ноември 2003. година, во Kопенхаген, Данска, а нашата земја беше дел од почетокот на манифестацијата. Иако правилата за учество се разликуваат од големата Евровизија, целта е иста – претставување на детските музички таленти. Во досегашните седум евровизиски претставувања, Македонија постигна завиден успех. Во 2007. година во конкуренција од 18 земји, нашите претставници Росица и Димитар, го освоија петтото место. Една година подоцна Боби Андонов го повтори истиот успех. Изминативе неколку години нашите претставници се пласираат на дното на табелата. Последен македонски претставник беше Доријан Длака.
| ТВ Пакет