Од понеделник до петок во 22:50 часот на првиот канал на Македонската телевизија продолжуваат новите епизоди на научно фантастичната серија „Фринџ“. Третата сезона ќе се дава точно една година по завршување на втората сезона.
Серијата е креирана од брилијантниот ум на J.J. Abrams (Lost, Alias) во соработка со продуцентското дуо Alex Kurtzman и Roberto Orci.
Во универзумот на оваа серија се случуваат сите работи кои обичниот човечки ум не може ниту да ги замисли. Во фокусот на вниманието е Оливија Данам, агентка на FBI, која станува дел од одделот за натприродни случувања откако нејзиниот партнер ќе доживее мистериозна смрт во еден уште помистериозен случај. Соработувајќи со „мрднатиот“ научник Волтер Бишоп и неговиот син Питер, Оливија ќе успее да реши огромен број на необични случаи, притоа разоткривајќи ја полека, но сигурно нивната поврзаност за која нејзиниот оддел ќе отвори ново досие „the Pattern“.
Во меѓувреме, серијата експериментира и со воведување на паралелни универзуми, луѓе кои го менуваат својот изглед, а уште од првите епизоди се појавуваат и т.н. „набљудувачи“ кои со својот специфичен „Хичковски“ изглед ќе ве „вадат од кожа“ секој пат кога ќе ги погледнете.
Серијата е снимена во 5 сезони и вкупно 100 епизоди. Првите две сезони беа прикажувани минатата зима на МРТ 1, а репризирано летото.
Дани Петковска | ТВ Пакет