„1001 ноќ“, серијата која ги отвори вратите на турските серии на Балканот и во арапскиот свет, наскоро започнува да се емитува и во Чиле. Ова е прва турска серија која ќе си ја проба среќата и во Латинска Америка, прикажувајќи се на еден од чилеанските канали, синхронизирана на шпански јазик.
Шехерезад со голем успех се прикажуваше во Кувајт, Романија, Украина, Косово, Бугарија, Азербејџан, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Чешка и Словачка, а во Македонија забележа незапаметена гледаност, уривајќи ги сите рекорди на гледаност. Народот наголемо беше маѓепсан од вистинска шехерезадна треска, од најмладо до најстаро. Доказ за огромната популарност на серијата се гледаа во примери од секојдневниот живот, сите зборуваа за Шехерезад, наставници им даваа на учениците писмени теми за серијата, учениците лудуваа по рингтонови со нејзината музика, дијалозите меѓу Онур и неговата љубена се прераскажуваа по канцеларии, а досетливите трговци бараа разни начини да профитираат од суперпопуларните ликови. Социолозите и културолозите велат дека тајната на успехот на оваа серија се крие во едноставната и топла љубовна приказна, проткаена со традиционален морал, а сместена во европеизиран и гламурозен амбиент.
Дани Петковска | ТВ Пакет