Почетна / Забава / Евровизија / Евровизиската песна ќе биде промовирана во сабота

Евровизиската песна ќе биде промовирана во сабота

 

Во сабота со почеток во 21 часот и 30 минути, Македонската Радио Телевизија во специјално издание на музичкото шоу „Хит на месецот“ ќе ја претстави евровизиската песна „Таму кај што припаѓам“, со која Тијана Дапчевиќ ќе настапи на 59-тото издание на Изборот на песна за Евровизија.

Музиката за песната ја подготвија Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, додека Димитров ги подготви и аранжманот и продукцијата. Текстот за македонската верзија го изработи Елена Ристеска, додека за англиската верзија со наслов “To the Sky” се погрижија Елена и Дарко, во консултација  со Лаура Роска од Романија.

– „Во моментот кога Македонската Радио Телевизија објави дека јас ќе ја претставувам Македонија на Евровизија, добив повеќе од педесет понуди за песни од целиот Балкан. Нуту една од нив не ми се допадна, освен трите песни кои ги добив од Дарко. Се одлучивме за повеселата и поведрата“, изјави Дапчевиќ. „Многу верувам во песната, сигурна сум кога ја пејам и сигурна сум во добар пласман“, додава таа.

 

 

Во „Хит на месецот“ ќе бидат промовирани двете верзии на песната, англиската и македонската.

– “Се одлучивме овој пат Тијана Дапчевиќ да биде единствениот музички гостин, а македонската верзија на песната веднаш да стане предлог на топ листата за кој гледачите ќе може да гласаат. Меѓу другото ќе се потсетиме на актуелната состојба на нашата топ десет листа, ќе ги откриеме останатите важни детали околу нашето претставување на Евровизија, а на гледачите ќе се обидеме да им ја доловиме и главната идеја и мото под кое Евровизија се одржува оваа година”, вели Александра Јовановска, уредник и водител на “Хит на месецот”.
Во следните денови ќе се снима и видео записот за Евровизиската песна.

– „Ова е исклучително важен викенд за нас, не само што се финализираат двете верзии од песната и по промоцијата ги очекуваме првите реакции од публиката, овие два дена во Македонија пристигнува и екипа од Данската национална телевизија, за да ја сними заедно со Тијана разгледницата за нашата земја, којашто ќе биде емитувана пред настапот на нашата претставничка”, изјави Мери Попова, шеф на Македонската Евровизиска Делегација. „Станува збор за многу интересен научен експеримент, сценариото е тајна, но ќе ви откријам дека се снима во лабораторија и во оваа прилика изразувам голема благодарност до менаџерскиот тим на „Алкалоид“, кој излезе пресрет и овозможи да се реализира овогодишната оригинална приказна во најавната разгледница за Македонија“, додава Попова.
 
Изборот на песна за Евровизија оваа година се одржува во Копенхаген, Данска од 6-ти до 10-ти мај. Македонија настапува во второто полуфинале на 8-ми мај и ќе го забележи своето 14-то учество на најгледаното музичко шоу на стариот континент.

 

 

| ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Програмски совет на МРТ : Да направиме напори за учество на Евросонг

Програмскиот совет на МРТ како тело по третпат, односно трета година по ред, сме сложни …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!