На денешната прес-конференција организирана по повод големиот концерт на Simple Minds во Скопје беа изнесени сите детали за спектаклот, а како гостин беше присутен и Горазд Чаповски, лидерот на Мизар.
Легендите ќе бидат пречекани од легенди, односно групата Мизар ќе го отвори шоуто и пред појавувањето на Simple Minds ќе ја забавуваат публиката со својата рок музика. Чаповски потенцираше дека на концертот нема да ја изведат музиката од нивното Второ откровение, односно ќе се свири само музика во рок стил, а не македонски фолклор, бидејќи тоа е она што му доликува на еден ваков концерт.
Шкотскиот рок бенд нема да се задржи многу во Македонија поради тоа што се работи за турнеја од ден на ден, односно нема да имаат време за новинарски изјави и слично. Кога сме кај турнејата, концертите во Македонија и Загреб претходно не биле планирани затоа што истата веќе била заклучена со последниот концерт во Полска. Авалон Продукција сепак успеа да издејствува да се додадат и концертите тука на Балканот.
Концертот во Скопје прво беше најавен на 5-ти март, но поради подготовките на бендот истиот мораше да се презакаже еден ден подоцна. Напоменуваме дека Simple Minds со себе ќе ја понесат комплетната продукција, односно звук и светло со што публиката ќе добие незаборавно доживување на концертот. Токму поради ова задоволство на посетителите концертот е одложен за 6-ти март.
Објектот СРЦ Кале каде што ќе се одржи концертот е комплетно реновиран. Шкотскиот рок бенд во Скопје пристигнува во среда на 05.03.
| ТВ Пакет