Сто дваесет и петто продолжение од вебновелата “Црвена месечина”
Пас не можеше да поверува во тоа што го гледа. Целиот пат од хациендата до мртовачницата се молеше најденото тело да не биде на нејзиниот брат, но кога човекот ја отвори кесата во која лежеше одвај препознатливиот труп, жената немо крикна, задржувајки ја устата со своите раце. Немаше сомнеж дека телото е на Епигменио.
Шетајки низ шумата, Лусија во доверба му призна на Лоресно за сите неправедности кои и ги имаше нанесено Артемио.
– Тој човек е бесрамен крадец и убиец, Лоренсо. Сите нас не држи во рака, сите сме исплашени, не навредува, ни дава заповеди…Мислиш дека тоа е праведно? Освен тоа, Артемио е лажго, предавник, крадец…
– Очигледно си му го насобрала бесот, – се пошегува Лоренсо иако знаеше дека Лусија ја говори вистината.
– Никој во животот ме нема повредено како што тоа го прави тој. Ме излажа на најкукавички и најнечовечки начин. Затоа ти велам дека треба да направиме да страда. Да види како е.
– И како можеме да направиме да страда?, – ја праша Лоресно.
– Да и кажеме на Матилде каков е, – одговори Лусија. – Или сакаш да ја убие Висента?
– Нема да дозволам да ја допре со прст.
– А мислиш дека еден ден нема и со тебе да го стори истото?
Ваквото прашање го замисли Лоресно. Што ако Лусија беше во право? Што ако еден ден реши да го напушти Артемио, дали тој би бил во состојба да го убие?!
Фабијан го пиеше својето виски во работната соба и запали кубанска пура, кога во просторијата влезе Маргарита.
– Што е со куќата која ми ја вети?, – го праша отворено, без заобиколувања.
– Која куќа?
– Онаа која вети дека ќе ми ја купиш.
– Во овој момент таа куќа е она до што најмалку ми е грижа, – резервирано и одговори.
– Значи ме лажеше, – избувна младата девојка.
– Престани да ми додеваш!, – извика Фабијан, подготвен да ја удри. Но пред да го стори тоа, ја повлече својата рака. Длабоко воздивна и додаде;
– Сега сфаќам дека со мене беше само поради моите пари.
– А зошто ти беше со мене? Бидејки жена ти ти ја затвори вратата?! И што добив јас? Ништо!
– Ти си ѕвечарка…
– А ти си убиец! И ако не ми купиш куќа како што вети, ќе те пријавам за убиството на адвокатот Фрагосо!, – додаде Маргарита и како фурија ја напушти просторијата.
Клеменсија и понесе вечера во послужавник на својата внука, која сеуште безживотно лежеше затворена во својата соба.
– Ајде да каснеш нешто, небо мое.
– Зошто не ми кажавте дека нема да можам да имам повеќе деца? Зошто секогаш последна дознавам за она што ми се случува?
– Мислевме дека не е време, ќерко, – одговори старицата, оставајки го послужавникот со храна над оставата. – Штотуку дозна дека го загуби детето, како да ти кажам дека нема никогаш да бидеш мајка?!
– Твојата преголема заштита никогаш нема да се промени, тетко. Ти никогаш нема да се промениш.
– Што сакаш да кажеш?
– Да имам и сто години, за тебе секогаш ќе бидам она мало девојче на кое и е потребна заштита.
– Кога ќе имаш сто години, небо мое, јас нема да бидам тука.
– Знаеш што ми кажа Алехандро? Дека нема да дозволи да се разделиме поради мојот здравствен проблем. Дека секогаш ќе бидеме заедно.
– Сакаше да ти ја кажувам вистината, епа еве…- рече старицата и длабоко воздивна. – Не верувам дека Алехандро го мислел тоа. Не знам зошто но тој човек никако да ми влее доверба. Се мислам дека игра двојна игра.
– Верувала или не, Алехандро ме сака тетко. И време е да почнеш да го прифаќаш како човекот со кој ќе ја поминам иднината.
Кога Лоренсо се врати назад во пансионот, Висента ја остави работата која ја вршеше и побара од него да си ги спакува работите и да го напушти нејзиниот дом.
– Висента, јас искрено те сакам.
– Се сомневам. Но и да речеме дека е така, мислиш дека ќе те прифатам по се што ми стори? Дојде во оваа куќа, ми изнакажа еден куп семејни трагедии за да ме трогнеш, ме заведе, дури и ме побара за жена. Зошто?
– Бидејки искрено се вљубив во тебе и сакам да бидеш моја жена.
– Зошто? За да ме одалечиш од Матилде?
– Не, затоа што те сакам.
– Немој уште еднаш да си го повторил тој збор. Љубов?! Кога излегува од твоја уста делува валкано. Луѓето како тебе и Артемио не се способни да љубат.
– Висента те молам, сослушај ме.
– Не сакам да те слушам. Се што сакам е да заминеш од мојата куќа и од мојот живот, засекогаш!
– Висента, зарем не сфаќаш дека си во опасност?
– Зошто е во опасност?, – праша Матилде која нечујно влезе во кујната, како сведок на дијалогот помеѓу нејзината мајка и Лоренсо. – Што се случува овде? Мамо, одговори ми. Зошто овој човек тврди дека си во опасност?
– Тоа е нешто лично помеѓу Лоренсо и мене, – по кратка пауза одговори Висента. – Патем, Лоренсо си оди од пансионот.
Маргарита ја тешеше својата неутешна мајка за смртта на нејзиниот вујко.
– Беше човек кој секогаш ме сакаше и ме почитуваше како сестра. Беше покрај мене кога татко ти ме напушти, ми се најде кога останав без работа, ме предложи за работа во куќата…За мене беше вистински брат. Никогаш не ми погреши, – низ солзи говореше Пас.
– Но, кој можел да го убие, мајко? Се сомневаш во некого?
– Секако дека не, Епигменио немаше непријатели…
– Јас се сомневам. Се сомневам дека убиецот е Фабијан Монтеро!
Пас ги избриша солзите од своите очи и погледна во својата ќерка.
– Дон Фабијан? Не, ќерко…
– Мамо, размисли. Вујко му беше соучесник на Фабијан во убиството на дон Балдомеро. Фабијан го елиминирал вујко бидеки се плашел дека може да го предаде. Не може да биде друг освен Фабијан Монтеро.
Следното утро, Висента имаше купено отров за глувци бидејки имаше наидено на стаорец во кујната. Додека ја подготвуваше смесата, влезе Матилде.
– Зарем имаме глувци?, – праша.
– Видов сношти еден стаорец во кујнава, а и Крисанта вели дека слушнала гребење по ѕидовите. Вечерва ќе ставам отров на неколку места.
– Мамо, што се случи со Лоренсо?, – Матилде ја праша својата мајка додека го вадеше сокот од замрзнувачот.
– Ништо. Само сфативме дека нашето не води никаде.
– И зошто ти кажа дека си во опасност? Во каква опасност си, мамо?
– Бидејки ќе замине, се плаши дека сме во опасност кога ќе останеме само жени во куќава. Само изговори за да остане, – излажа Висента, продолжувајки да ја меша смесата.
Инспекторот Торес работеше на извештаие за смртта на Епигменио, кога секретарката му најави посета од детективот кој беше најмен за да го разоткрие исчезнувањето на Гасапр Рамирез. Инспекторот го прими детективот во својата канцеларија.
– Доаѓам со отворен налог од полицијата во Гвадалахара за да извршам истрага.
– И како рековте дека се вика исчезнатото лице кое го барате?, – праша Торес.
– Гаспар Рамирез. Бил гостин во хотелот Реал дел Монте. Последен пат бил виден со некоја госпоѓица Естер Монтеро. Ја познавате?
– Да, ја познавам. Естер е сестра на адвокатот Фабијан Монтеро.
– Дали се влијателни?
– Важат за едни од помоќните луѓе во Сан Кристобал, – одговори Торес.
– Мојата цел е што поскоро да ја расчистам ситуацијата. Можете ли да ми кажете каде живее таа жена?
Мексико Сити
Во една модерна кафетерија на улицата Ломас де Сан Анхел, Лусија имаше кафе средба со еден од продуцентите за кои работеше агенцијата.
– За новото видео ми е потребна различна девојка, – рече човекот кој го продуцираше проектот. – Оние кои ми ги прати Ана Вирхинија беа многу згодни, но потребни ни се наивни девојки.
– Девици?, – се пошегува Лусија.
– Нека на бидат девици но нека изгледаат како такви.
– И од каде да најдам девојка која изгледа како девица а ќе сака да снима порно видео? Зборуваш за невозможна мисија, Франко.
– Темата е девствена девојка опколена со грев и искушенија. И кој мислиш дека ми ја даде идејата? Дон Артемио.
– Не сум изненадена. Тој секогаш сакал такви работи.
– И што велиш, моја Луси? Можеш ли да ми помогнеш?
– Дај ми неколку денови…
– Не се работи за неколку денови, се работи за рок кој мораме да го исполниме. Снимањето е закажано за сабота.
Лусија имаше идеја во главата само беше потребна реализација.
Маргарита беше одлучена да и ја признае вистината на својата мајка, дека е љубовница на Фабијан Монтеро.
– Да, да, мамо. Фабијан е мој љубовник. Но не се сплеткав со него од љубов. Никој не може да љуби толку груб и антипатичен маж како него. Го сторив тоа бидејки ми вети луксуз и куќа.
– Тоа не е причина за да бидеш нечија љубовница, ќерко, – Пас ја прекори. – Како си можела да поверуваш дека ќе ти подари куќа?
– Тој беше тој што ми вети.
– Во секој случај, не требало да спиеш со него, Маргарита. Не со женет човек.
– Ти го кажувам ова за да знаеш колку голем лажго и каков преварант е тој човек, мамо. Нема сомнеж дека Фабијан Монтеро е заслужен за смртта на мојот вујко Епигменио.
Уште само 5 продолженија до крајот!
LucasScott | ТВ Пакет