Нашата фолк-дива, незаменливата Татјана Лазаревска со нејзината песна „Љубовен жар“ ги осови срцата на гледачите на фестивалот „Цветници“ и со повеќе од 400 гласа добиени преку телевоутинг ја доби првата награда на овој фолк фестивал.
Наградата ја направи Тања побогата за 900.000 денари, односно околу 15.000 евра, пари за кои допрва ќе чуеме како планира да ги потроши. Победничката песна е дело на неготинскиот композитор и музичар Драги Станков, а текстот е на добропознатиот Огнен Неделковски.
Втората награда и сметка во банка „подебела“ за околу 10.000 евра „падна“ во рацете на Кирил Митовски за композицијата „Оди си, остави ме“, додека третата награда му припадна на Ристо Краповски, кој со композицијата „Ех да можам“ успеа да добие и околу 5.000 евра.
Како и што беше најавено, наградата за животно дело годинава му се додели на Благоја Десковски, композитор, инструменталист и долгогодишен раководител на Народниот Оркестар на Македонската Радио Телевизија. Овогодинешното 15-то издание на „Цветници“ докажа дека е фестивалски бренд на МРТ во областа на народната музика , уникатен од аспект на форматот со комплетна изведба во „живо“ на авторски мелодии во духот на македонската мелопоетска традиција.
Специјални гости на фестивалот беа Елена Ристеска и група „Ѓезме“ а влезниците се продаваа по цена од 100 денари, на билетарата во Универзалната сала во Скопје. За оние кои сакаа да го проследат фестивалот во домашна атмосфера, тоа можеа да го направат на Македонската Радио Телевизија која изврши директен пренос.
Освен наградените изведувачи, на фестивалот настапија и Наум Петрески, Мишко Крстевски, Елена Георгиева, Анастасија Петреска, Зуица Лазова, група „Соната“, Цеки, Виолета Томовска, Смилја Митревска, Миле Кузмановски, Владимир Поповски, Јасминка Гуњова, Ленче и Горан Кукиќ, Душко Георгиевски, Благица Павловска и група „Арија“.
Во продолжение погледнете ги сите настапи од фестивалот:
Текст и фото: вистина.мк
| ТВ Пакет