Пејачите и авторите се полакомија за огромните суми на Макфест
Овој четврток, петок и сабота ќе одржи еден од најпознатите македонски музички фестивали, Макфест. Во четврток и петок ќе бидат двете полуфинални вечери, а финалето е закажано за сабота во 20:30 часот. Сите три вечери ќе се емитуваат директно на првиот канал на Македонската радиотелевизија. Она што е старо е дека фестивалот ќе се одржи во Домот на културата во Штип, сè друго е ново за долгогодишните гледачи.
Од оваа година зад него целосно стои и Министерството за култура во партнерство со штипската локална самоуправа поради што Министерството очекува нивото на фестивалот да биде уште повисоко и во квантитативна и во квалитативна смисла. За прв пат, фестивалот годинава ќе се одржи во живо со ревискиот оркестар на МРТВ, налик на Скопскиот фестивал.
За прв пат фестивалот наместо на есен, во октомври, ќе се одржи во јуни. И по долго години, за прв пат се најавува нова водителка, лото и бинго девојката Марјана Станојковска. По медиумите се шпекулираше за тоа дека на Вера Јанковиќ и била понудено да известува од зад сцената, со што и било одземено водителското место по 14 години. На оваа одлука не само што се побуни Вера која изјави дека се чувствува омаловажено и изманипулирано, туку и водителките Лила, Весна Бејби и Ирена Спировска кои јавно и дадоа подршка.
Со или без Вера, на двете полуфинални вечери ќе бидат изведени по 15 композиции, а по девет од двете вечери одат во саботното финале. Меѓу имињата што ќе пеат на фестивалот годинава се споменуваат минатогодишната победничка Александра Јанева, потоа Маја Вукичевиќ, Лидија Кочовска, Наде Талевска, Влатко Илиевски, Тамара Тодевска, Биба Додева, Елвир Мекиќ, Емил Арсов, Викторија Лоба, Искра Трпева, Александар Белов, Александар Тарабунов, Мики Секуловски, Сара Мејс, фолкерот Миле Кузмановски…
Од авторите, текстописците и од аранжерите присутни се и Григор Kопров, Огнен Неделковски, Ристо Самарџиев, Владимир Дојчиновски, Лазар Цветковски, Кристијан Габровски, Зоран Алексиќ, Андријана Јаневска, Александар Масевски, Биба Додева, Љупчо Трајковски Фис, Драган Вучиќ, Владо Јаневски,Роберт Билбилов и Димитар Димитров. Интересно е што Јоце Панов ќе ја пее песната „Само немој да молчиш“ на српскиот автор Бане Опачиќ, за чија изведба постоел голем интерес од Марија Шерифовиќ и Тијана Богиќевиќ. Со оваа песна, чиј македонски текст го напиша Владо Јаневски, ќе започне и првата полуфинална вечер.
Министерството за „Макфест 2014“ предвидело седум милиони денари, а штипската локална самоуправа, како што рече градоначалникот Захариев, ќе партиципира со три милиони. Kако што веќе е познато, наградата за победничката мелодија ќе изнесува 20, за второпласираната 15, а за третопласираната 10 илјади евра. Ќе бидат доделени и две награди од по 3.000 евра за најдобар дебитант и за најдобар сценски настап.
Дани Петковска | ТВ Пакет