Алфа ги „почести“ гледачите за роденден
Овој месец се прославија 6 години постоење на телевизијата која со зрачење во етер започна на 3 јуни 2008 година. 6 години во етер, а само една година национална концесија за Алфа. Точно за една година се промени програмата на Алфа за 360 степени. Мистериозно исчезнаа многу урбани емисии и содржини кои се прикажуваа цели 5 години за да во само една година, Алфа прикаже најразлични српски емисии, реални шоуа, турски надсинхронизирани серии, индиски серии итн.
И токму тогаш кога прославија 6 години постоење, ги почестија гледачите со укинување на дел од своите содржини. Емисијата за здравје “Фактор здравје” повеќе не се емитува секое утро во 8.30 часот, а на нејзино место се дава јапонската цртана серија “Бакуган”, своевремено прикажувана на А1 телевизија. Во историјата замина и најпознатата детска емисија “Супер ѕвезда” со која израсна денешната младина. Проектот кој промовираше детски песни, детски размислувања но и влијаеше едукативно врз дечињата, престана да зрачи на 16 мај.
Но тоа не е сè. Од вчера изненадно не се емитува српската серија “Фолк”. Сагата за Ѕвездана и нејзиниот пат кон српската естрада доживеа и втора сезона, од која на Алфа беа прикажани само првите епизоди. Од вчера гласот на Ѕвездана не одзвонува на ТВ екраните, а наместо неа, во истиот термин гледачите на Алфа ќе добијат дупла доза од потрагата на српските селани по животна сопатничка во српската емисија “Домаќине, ожени се”.
Од денес повеќе ја нема ни мексиканската серија “Амбис на љубовта”. Амбис на љубовта е серија која доживеа најмногу промени на прикажување. Алфа и смени разни термини, изненадно ја праќаше на пауза, ги сецкаше епизодите и од денес повторно ја тргна од програма. Неколку пати пишувавме за оваа серија и за нејзиниот третман од страна на телевизија Алфа, која упорно продолжуваше да им го крати правото на гледачите да уживаат во нејзиното емитување и тоа во нормално времетраење. Но, ништо не се смени …
Па, Алфа, нека ви е среќен роденденот и голема “благодарност” од нас, како гледачи, за прекинатите содржини без никакво известување.
Даниела П. | ТВ Пакет