ПЕСОЧНИ ТАЈНИ |
# 4-то продолжение |
Каролина стоеше неколку мигови и гледаше во Жоел Переира како да гледа во дух од минатото. Направи чекор наназад, уште еден…и потрча кон јахтата колку што ја држеа нозете. Онолку колку што имаше сила во тој момент. Жоел извика по неа, но таа не се заврте. Само продолжи да трча.
Тој се насмевна. Во тој момент сфати дека ја љуби таа девојка со истата сила како што некогаш во минатото ја љубеше. Она што не го знаеше беше тоа како да ги поврати петте изгубени години од својот живот. Како од себе да ја тргне дамката која го обележа откако беше осуден на убиство?! Но она што го знаеше во тој момент беше дека мора да го најде вистинскиот убиец, по секоја цена.
Беше скоро пладне кога Жоел сфати дека нема ништо јадено цел ден. Го помина претпладнето демнеејки ја јахтата на Албукерке, но не ја виде повторно Каролина. Се упати кон крајбрежниот морски ресторан.
Таму, една дама со црвена шапка седеше на една маса крај прозорецот со своето куче врзано со ланец на својата рака и се расправаше со менаџерот на локалот. Ресторанот не дозволуваше влез за животни и дамата протестираше со сета своја енергија. Истата онаа енергија која Жоел ја помнеше кај Аугуста Сабатини. Бидејки немаше човек во Рио кој не ја познаваше Аугуста Сабатини.
– Имате проблеми, госпоѓо?, – пријде до дамата и љубезно ја праша.
– Овој господин овде одбива да ме послужи додека мојата Фифи е со мене, – одговори доња Аугуста без да погледне во странецот кој и се обрати. – Знаете ли каква дискриминација е одбивање на животно во Европа, момче? Да знаете дека до крајот на животот ќе го помните моето име бидејки Аугуста Сабатини ќе се погрижи да го затворат овој локал и сите вие да останете на улица и без работа.
– Сигурен сум дека постои решение за проблемот, госпоѓо Сабатини, – повторно се замеша Жоел. – Верувам дека не е проблем ако ја послужите госпоѓата на терасата?, – го праша менаџерот. – Таму ќе може да присуствува и нејзиното куче.
– Секако дека ќе може, – потврди менаџерот на локалот.
– Тогаш, ако ми дозволите би сакал да ја имам честа и да ручам заедно со госпоѓата.
Тогаш Аугуста погледна во странецот. Тој млад човек со длабок глас беше истиот оној за кој цел град зборуваше. Жоел Переира. Го препозна по фотографиите од весниците. Ова ќе биде интересно попладне, помисли.
Ручекот помина во пријатен разговор. Свежа морска храна, бело вино и морски поветрец.
– Жоел Переира, – воздивна доња Аугуста. – Не постои личност во Рио која не знае за Вас, младичу.
– Не знаев дека сега сум толку славна личност.
– Нема весник кој не пишуваше за Вас изминатите денови. Откако ве пуштија на слобода, Леблон врие.
– Тоа е добро или лошо?, – се пошегува Жоел на своја сметка.
– И што бараш овде, момче? Не, дозволи ми да погодам…Каролина Албукерке?
– Не можав да бидам мирен а да не ја видам. Да не зборувам со неа.
– Но, Каролина е тука со својот иден сопруг.
– Знам, – со грутка во грлото потврди Жоел. Не сакаше повеќе да зборува на таа тема. – Се вратив за да ја докажам својата невиност.
– Целиот град е со острици завртен кон тебе, момче. Не знам дали си невин како што велиш или зад тој ангелски лик се крие ѓавол, но знам дека најдобро за тебе е да заминеш од Рио на некое време. Докажи ја својата невиност од страна. Бидејки ако останеш тука ќе те обземат емоциите кон таа жена, а никогаш не се игра со полно срце. Кога срцето љуби, разумот греши како никогаш, Жоел Переира. Слушни ја жената која зад себе има четири неуспешни бракови.
Педро Фалко беше навистина пример за идеален сопруг, помсили Каролина гледајки во својот вереник кој имаше поставено пикник кошница на јахтата која самиот ја имаше направено за неа. Беше духовит, начитан, образован и згоден и што е најважно ја љубеше повеќе од се.
– Нешто не е во ред, Каролина?, – ја праша откако сподели шега на која неговата вереница остана нема.
– Не, зошто?
– Откако се врати од прошетка замсиелна си и отсутна. Сигурно ли е се во ред, љубена?
– Секако дека е, – одговори таа и ја побара неговата прегратка. – Зошто не би било?!
Во тој момент, потпрена на неговите гради се чуствуваше како да е на најбезбедното место на светот. Но, телото и беше присутно но не и душата и разумот.
Жаде Переира беше само три години помала сестра на Жоел. Но многу пати во однос на него се однесуваше како да е постара. Секогаш му помагаше со своите разумни совети и сослушувања. Беше голема подршка во неговиот живот. Кога се врати доцна дома, најпрво таа го прекори зошто исчезнал цел ден без да се јави и да каже каде е.
– Бев да ја видам неа, Жаде, – одговори тој, барајки ја светлината на месечината преку прозорецот во сестрината соба.
– Неа? Каролина Албукерке?
– Да. Каролина Албукерке. Зошто никој не ми кажа дека се верила?
– Жоел, брате…жалам…мислев дека не сакаш да зборуваш за неа.
– Да не зборувам за неа? Знаеш ли како се чуствував утрово кога прочитав дека се верила за друг? Душата ми се наполни со горчина, Жаде. Морав да ја видам и заминав по неа во Бузиос.
– И ја виде?, – со трепет во гласот го праша неговата сестра.
– Беше близу до мене како некогаш. Убава како пупка во мај. Поубава одошто ја помнам. И таа ме виде мене. Ме препозна. Побегна пред да кажам збор. Но, ја видов, сестро и таа ме виде мене! Сето ова време мислев дека ќе чуствувам омраза кога ќе ни се сретнат погледите повторно, презир…Но сега сфатив дека сеуште ја љубам со истата сила како и тогаш. Кога ја видов како сонцето да го огреа моето срце по пет години.
– И што ќе правиш сега кога знаеш дека му припаѓа на друг?
– Ќе ја вратам…Ќе направам повторно да биде моја како некогаш.
Беше скоро четири часот наутро кога неочекувана врева одекна низ куќата. Беше доволно свесен и буден да сфати дека се работи за експлозија во неговата куќа. Жоел изрипа од својата посетела и истрча кон дневната просторија каде што во шокирана состојба стоеше неговата мајка.
– Мамо, јави се во полиција, јас ќе се погрижам за останатото, – младичот и нареди на својата мајка со повисок тон за да ја врати во реалноста.
Но, Мариса Переира не беше во состојба да мрда. Гледаше пред себе во пламенот кој полека ја опфаќаше куќата. Жаде која истрча од својата соба, со трезвена глава го зеде телефонот и го заврте бројот во полиција.
Противпожарната служба заедно со полициската патрола стигнаа на време. Пламенот беше отсртанет за брзо. Жоел пријде до инспекторот да го праша од каде дошло до пожарот.
– Рано е за конечна одлука, младичу, но сигурен сум дека некој фрлил динамит во вашата куќа.
– Динамит?, – изненадено праша Жоел.
– Да. За среќа избувнал пред време. Фалело малце целата куќа да биде дигната во воздух.
Во меѓувреме, Жаде ја држеше во прегратка својата мајка која не можеше да се смири.
– Се е готово, мајчице. За среќа пожарот фати смао мал дел од собата. Ќе треба да ја смениме софата, да ставиме нови завеси и се ќе биде како ново. Добро ќе и дојде промена на дневната.
Колку и да се обидуваше да ја смири својата мајка, и Жаде беше вознемирена. Погледна во својот брат кој делуваше како да нема добри вести.
Винипег, Канада
Една се врати од супермаркетот натоварена со кеси. Не штедеше за вечерната мала забава по повод нејзиниот роденден. Само што ја отвори вратата од станот, слушна како ѕвони телефонот, па ги спушти кесите на пултот и потрча да одговори. Од другата страна на линијата нејзиниот татко Нелсон, нејзината сестра Каролина и нејзиниот брат Каио и пееа роденденска во еден глас. Очите на Една се наполнија со солзи. Тоа беа мигови кога посакуваше да биде таму со нив, со својата фамилија.
– Тато, мило ми е што се сетивте…
– Како да заборавиме на твојот роденден, Една?, – праша Каролина бидејки телефонскиот разговор беше ставен на спикерфон за да можат сите да зборуваат со неа.
– Ви благодарам, не знаете колку ми го разубавевте денот.
– Како си поминуваш, ќерко?, – ја праша Нелсон. – добро сум. Одлично. Денес е најсреќниот ден во мојот живот. – Што ти е во план за денес?
– Ќе имаме вечера во станот, вечера која самата ќе ја спремам, – нагласи девојката низ насмевка. Сакаше да потенцира колку е осамостоена изминатите три години како што беше далеку од Рио.
– Интимна вечера?, – праша Каролина.
– За неколку пријатели од факултет. Ништо елегантно и големо. Обична вечера.
– Тогаш да не ти одземаме време, само да знаеш дека те сакаме многу и ни недостасуваш.
– И вие мене. Ве сакам, тројцата.
– И ние тебе, Една, – рече Каио пред да го завршат разговорот.
Тоа утро сомнежот беше потврден. До експлозијата во куќата на Переира дошло од експлозив фрлен со камен преку прозорецот во дневната просторија. Откако Жоел ја сподели новоста со својата фамилија, Мариса не можеше да престане да се прашува кој би можел да стори нешто такво.
– Многу луѓе се против моето прерано излегување од затвор, – рече Жоел свесен за состојбата во која се наоѓаше, состојбата која за жал ја загрозуваше и неговата фамилија. – Ќе почнам да верувам дека татко имаше право, дека оваа куќа ја следат само трагедии.
Жулио Переира, сопругот на Мариса и таткото на нејзините деца кој пред многу години го напушти домот секогаш велеше дека таа куќа е осудена на трагедии.
Жоел погледна во својата сестра, па во својата мајка и рече;
– Најдобро е да си одиме одовде.
– Не, Жоел. Ова е нашиот дом, – крикна Мариса. – Само мртва ќе ме изнесат одовде. Само мртва!
Мариса беше и повеќе од јасна. Жоел и пријде и ја зеде во својата прегратка, а веднаш потоа и својата сетсра. Ги држеше цврсто крај себе не сакајки да ги загуби никогаш. Тие две жени беа причината за неговото живеење. Личностите кои ги сакаше најмногу на овој свет.
– Тогаш, остануваме, – реши со тешко срце.
Не беше ни осум часот наутро кога Жоел пријде до високата ограда на мансионот Албукерке. Дојде пеш, чекорејки преку ридот и плажата. Имаше вишок на енергија која требаше да ја ослободи од своето тело. Неколку пати заѕвоне на интерфонот но не доби одговор. Но, не се откажа. По кратко од каменот допре добро познат глас за него. Беше Фелипе, мајордомот кој со години работеше за фамилијата.
– Кој е?
– Јас сум разнесувач од ДХЛ. Носам итна пратка за господинот Албукерке.
– Господинот Албукерке излезе.
– Итно е, – повтори Жоел без да го промени тонот на гласот.
– Почекајте.
По кратко време, челичните капии се отворија пред очите на Жоел. Направи чекор кон добро познатата вила. На неколку метри од него стоеше црн ролс-ројс. Добро знаеше дека Нелсон Албукерке не е заминат од дома. Напротив, заминуваше токму во тој момент.
Потрча кон возлото и со својата нога успеа да спречи Нелсон да не ја затвори вратата.
Гледаше во Жоел и по кратка пауза рече ;
– Искрено, ја очекував вашата посета господине Переира. Но, јас немам што да Ви кажам.
– Но, јас имам, – рече Жоел гледајки го Албукерке со своите црни очи. – Утрово ме разбуди експлозија во мојот дом. Некој фрлил бомба а и двајцата знаеме со каква цел. За среќа немаше повредени но малку фалеше да дојде до трагедија.
– Жалам, но како што реков ние немаме за што да рагзговараме.
Нелсон му даде знак на шоферот да појде, но Жоел немаше намера да се откаже од разговорот. Со кратко движење се најде на задното седиште до Нелсон.
– Јас сум невин, господине Албукерке. Јас не го убив вашиот син. Морате да ми верувате.
Ролсот почна полека да се движи, напуштајки ја резиденцијата. Нелсон не гледаше во човекот крај себе. Гледаше преку прозорецот и рече;
– Перериа, оди си од Рио, искористи ја последната шанса.
Жоел го напушти ролсот на патеката пред плажата Ипанема. Не успеа да го потврди својот сомнеж дека Албукерке е задолжен за атентатот во неговиот дом, но барем беше виден од очите на Нелсон и тоа му беше доволно за почеток.
Чекореше по камената патека на познатата плажа кога од еден автомобил со затемнети стакла некој фрли предмет пред неговите нозе. Жоел помисли дека е нов обид за убиство но пред себе виде како пинг понг топче се одбива на камената стаза. Посегна по топчето и го отвори. Внатре содржеше порака испишана на хартија;
– Сакам да те видам вечер, точно на полноќ кај пристаништето Мелон. Зе Луис.
Потписот како ни името Зе Луис не му значеа ништо. Не знаеше дали ова е уште една стапица но немаше што да загуби.