Почетна / Телевизија / Празнична играна програма на МТВ 1

Празнична играна програма на МТВ 1

Стари македонски филмови и серии од понеделник на МТВ 1

 

По повод наближувањето на големиот македонски празник Илинден, Македонската радиотелевизија како секоја година, така и оваа, добар дел од програмата ќе одвои на емисии, филмови, серии и музика за македонската историја, култура и фолклор. 

Уште од понеделник на 28 јули во 13:50 часот започнува “Јуначко колено”. Се работи за македонска серија, снимена во 1983 година и е посветена на детството на македонскиот револуционер и војвода Никола Карев, како и одбележување 80 години од илинденското востание на македонскиот народ во Крушево.
Автор на серијата е Славко Димовски, а режисерската палка е на Благоја Андреев. Главните улоги во серијата му се доделени на Душко Јовановиќ – Никола Карев, Ацо Јовановски – Јанаки Карев, Милица Стојанова – Марија Карева, Ацо Ѓорчев – Ѓузбашијата, Илија Милчин – Кајмакамот, Ненад Стојановски – Учителот, Данчо Чевревски – Нуне, Џемаил Максут – Али Саит ефенди, Ѓорѓи Колозов – Исмаил Чакре. Во останатите улоги се појавуваат Гоце Тодоровски, Ѓорѓи Тодоровски, Кирил Псалтиров, Шенка Колозова, Благоја Стефановски, Благоја Иваноски. Серијата ќе се емитува секој работен ден, со репризи за време на викенд утрата. 

 18:40 часот од 28 јули е термин резервиран за реприза на “Волшебното самарче”. Се работи за серија за борбата на партизаните против нацистите, а во главната улога настапува тогаш малиот Игор Џамбазов.

 

 

Од понеделник секоја вечер на МТВ 1 ќе бидат прикажувани стари македонски филмови и тоа по следниот редослед:

понеделник, 22.20 часот  – Најдолгиот пат

Најдолгиот пат e македонски игран филм по сценарио на Петре М. Андреевски а во режија на Бранко Гапо. Филм од 1976 година кој зборува за киднапирање на двесте Македонци од страна на Турците во 1903 година и патот на македонските селани до слободата. 

 

вторник, 21.30 часот – Пресуда.

Филм од 1977 година на Тале Попов. 

Во судирот со непријателот, во една однапред изгубена битка со наполно извесен крај кој би значел да се загине залудно, партизанот Ангелов го напушта боиштето качувајќи се на еден воз и оди да ја види својата мајка, тукушто вратена од интернација. Поради тоа, партизанот Ангелов е прогласен за дезертер и кога тој се враќа во бригадата го разоружуваат и врзан го носат до комесарот. Тој го испраќа голорак во борба, за да се избори за ново оружје. Во поставената заседа за германската колона, голоракиот Митко Ангелов убива еден германски војник и со неговото оружје сам пука во колоната камиони, бидејќи сите партизани од патролата, освен еден тешко ранет, се убиени. Мислејќи и за него дека е загинат, Митко Ангелов плачејќи го остава до другите загинати и сите заедно ги покрива со суви лисја и гранки. Тројцата Германци кои го преживеаја нападот се кријат и гледаат што прави партизанот. Митко Ангелов се враќа во бригадата, но никој не му верува дека тој е единствениот преживеан.

 

среда, 20.40 часот – Мис Стон.

Овој легендарен македонски филм е снимен во 1958 година и режиран од Жика Митровиќ, а во главните улоги настапуваат Олга Спиридоновиќ, Марија Точиноски, Петар Прличко, Виктор Старчиќ и други. Дејствието на филмот е сместено во 1901 година и истото се базира на вистински настан – грабнувањето на американската протестантска мисионерка Мис Стон од страна на Јане Сандански и неговата чета. За откуп на Мис Стон се побарани 25.000 златни лири кои на четата на Јане Сандански ѝ се неопходни за набавка на оружје. Меѓутоа, ова барање треба да се потпише и од Мис Стон. Таа категорично одбива да го направи ова, но откако минува низ неколку борби водени со турскиот аскер, застанува на страната на комитите и го потпишува писмото, чии барања, на крајот и се исполнети.

 

четврток, 20.40 часот – Македонскиот дел од пеколот.

Ова е македонски филм од 1971 година режиран од Ватрослав Мимица, со сценарио на Славко Јаневски. Во главните улоги настапуваат Дарко Дамески, Коле Ангеловски, Нада Гешовска, Павле Вуисиќ, Ацо Јовановски, Петре Прличко, Илија Милчин и Милена Дравиќ. При крајот на 1942 година и почетокот на 1943, за да го спречат ширењето на револуцијата во Битолско, бугарските окупатори ги засилија прогоните и насилствата врз цивилното население.

 

петок, 20.40 часот – Републиката во пламен.

Републиката во пламен e македонски игран филм по сценарио на Љубиша Георгиевски и Јован Бошковски, а во режија на Љубиша Георгиевски.На 2 август 1903 година, на светиот ден Илинден, во Македонија се крена востание. Тоа беше одговор на повеќевековното ропство и теророт на кој беше изложен македонскиот народ. Илинденското востание кулминираше во создавањето на Крушевската република која опстојуваше десет дена и беше единствена република на Балканот во тоа време. За да се објаснат целта и намерите на востанието, Никола Карев, претседател на Крушевската република го пишува Манифестот на Крушевската република, кој според прогресивноста на идеите изнесени во него е далеку пред времето на настанувањето. Веднаш по започнувањето на востанието кое претендираше да се прошири низ поголемиот дел од Македонија, стана јасно дека тоа е кренато без целосни подготовки… Бројна турска војска го напаѓа Крушево. Востаниците го напуштаат градот. Останува само четата на Питу Гули. Тој е решен да даде пример како се сака својот народ и како се гине за неговата слобода. Нивната херојска смрт на Мечкин Камен ја заслужи и почитта на непријателот. „Иако краткотрајна, по своите идеи Крушевската република беше величествена. Македонија го имаше својот прв Илинден, проследен со крвави години на тешки страдања. Македонија ќе го има и својот втор Илинден, при идната епоха на блиски победи и ослободувања. Овој втор Илинден е близок, тој доаѓа…“ – во „Илинденец“, Димо Хаџи Димов.

 

сабота, 20.15 часот – Волчја ноќ

Ноќ во планински предел во делот на Македонија под бугарска окупација. Уште една офанзива чија цел е да се оневозможи партизанското дејствување. Одредот партизани е соочен со можниот напад на окупаторот. Затоа заминува од теренот, оставајќи зад себе како отстапница една своја десетина предводена од десетарот Божин. Оваа група борци има задача три часа да ја задржи својата позиција, за потоа да му се придружи на одредот на место што му е познато само на десетарот. Партизаните имаат само по неколку куршуми, а непријателот е блиску. Десетарот заминува во извидување. Времето изминува а Божин не се враќа. Партизаните се наоѓаат во дилема дали да заминат.

Една бугарска извидница наидува на нивното засолниште и доаѓа до престрелка во која гине стариот Паун. Останувањето на старата позиција веќе е невозможно и групата партизани заминува во потрага по одредот.

 

недела, 20.15 часот – Денови на искушение

Ова е првиот долгометражен игран филм на Бранко Гапо од 1965 година. Работен е според драмското дело „Црнила“ на Коле Чашуле и го содржи како свој основен мотив политичко убиство, атентатот, над Ѓорче Петров, извршен од врховистите во Софија во 1921 година. Драмата, всушност, ја отсликува заднината на овој злосторнички чин, подготовките за него и неговите актери, а нејзината сценаристичка адаптација на Димитар Солев и Гане Тодоровски главно ја следи истата драматуршка структура. Екранизацијата на оваа драма доаѓа по забележителниот успех што таа го постигнала на театарските сцени во Македонија.

 

 

Покрај сериите и филмовите, секој работен ден во 14.30 часот и во 17.45 часот ќе се емитуваат документарни серии за Илинден и македонската борба за слобода. Меѓу документарните серии се Илинденска епопеја, Македонскиот фронт, АСНОМ. 

Во сабота на 2 август во 14.30 часот ќе се емитува јубилеен концерт на ТАНЕЦ, а пак во недела на 3 август во истиот термин ќе се емитува концертот на Каролина Гочева, концерт на новосоздадени фолклорни песни од албумот “Македонско девојче 1” и “Македонско девојче 2”, кој оваа година ги руши рекордите на слушаност и продажба.

 

 

Дани | ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Доделени престижните ЕУ награди за истражувачко новинарство

Се доделија престижните награди за истражувачко новинарство 2024 година на која беа наградени најдобрите стории …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!