Алфа дефинитивно ја укина “Авенија на љубовта”
Најавувана како најгледана, најдобра и најпопуларна, рекламирана цело лето за време на џингловите, прикажувана во прајмтајм, за на крајот да доживее вистински дебакл. Се работи за бразилската серија “Авенија на љубовта”, за која многупати пишувавме. Авенија е серија од најквалитетната светска продукција за теленовели, бразилската Глобо. Серијата постигна успешни резултати во многу земји низ светот, а на Алфа започна надсинхронизирана на македонски јазик и тоа сред лето, во месец јули.
Фановите на португалскиот јазик и на латиноамериканските серии реагираа до порталот ТВ Пакет и до форумот дека не се задоволни од потегот на Алфа да ја надсинхронизира серијата со што се губи нејзината автентичност и се ускратува можноста на гледачите да уживаат во приказната, музиката и хуморот на оригинален начин. Истовремено, гледачите на турски серии не можеа да се навикнат на гледање на латиноамериканска синхронизирана серија со што се покажа неколкупати досега во минатото. И критиките на гледачите се покажаа како релевантни. Публиката не ја прифати серијата надсинхронизирана, па така Алфа по 40 надсинхронизирани епизоди, стави титл. И кога конечно видовме светлина за Авенија, се случи уште една пречка за гледачите да продолжат да ја следат. Имено, Алфа продолжи да ги емитува епизодите на серијата во 20-минутно времетраење, така што ги прикажуваше почетните и крајните минути на оригиналната епизода, а ја скокаше цела средина. Фалеа битни сцени – кратењето предизвикуваше празнини во дејството. Ваков начин на прикажување на серии е реткост да се види, затоа што секој сака да гледа серија која е нормално реализирана и снимена, а не касапена.
Но, ни така серијата не издржа повеќе од една недела. Набрзо потоа, од септември серијата беше префрлена во 8 часот наутро, а потоа и во 5 часот наутро. Во 5 часот издржа неколку недели и веќе од минатата недела дефинитивно е тргната од програмата на телевизијата. На овој начин им се ускрати правото и на оние малку гледачи да ја догледаат приказната за Нина, Жоржињо, Кармиња и Туфао. Серијата можеби не постигна добри резултато во Хрватска, Албанија, Бугарија и Босна, но сепак беше прикажана до самиот крај. За жал, македонските гледачи нема да ја имаат истата можност. Освен ако Алфа не се предомисли и не ни го овозможи тоа.
Дани | ТВ Пакет