7 години од последниот скопски концерт на легендата
По седми пат, веќе традиционално, вечерва членовите на клубот на обожаватели на Тоше Проески, во соработка со фондацијата што го носи неговото име, Црвениот крст на Скопје и продукцијата „Аворд“, ќе направат „Ѕвездено небо“ во чест на нашата најголема музичка ѕвезда. Единствениот Тоше Проески на овој датум пред седум години го одржа последниот голем концерт во Скопје на Градскиот стадион и од тогаш ниедна македонска, балканска или светска ѕвезда не ја постигнаа таа бројка на посетеност кај нас, а да не зборуваме за евентуална слава или популарност.
Дојдете сите пред Музејот на Холокаустот, преку Камени мост вечерва во 19:30 часот. Сите заедно да ги запееме најголемите хитови на Тоше Проески и како секоја година да се сеќаваме на неговата последна насмевка, на неговите последни отпеани песни, на најубавата атмосфера која ги красеше неговите концерти, на неговиот единствен глас, на љубовта која безусловно на сите ја даруваше. Стари, млади, богати, сиромашни, сите го сакаа и затоа сите треба да присуствуваат на овие интимни средби, средби на публиката со ангелот.
Обожавателите на неговите дела вечерва ќе плачат и ќе се смеат, сеќавајќи се на најубавото време во македонската музика. Тоше Проески е личност која никој никогаш нема да ја заборави, а неговите песни полни со емоција, солзи и среќа остануваат да бидат пеени, да не расположат и натажат, но истовремено и да не потсетат на еден голем и прекрасен човек.
Дани | ТВ Пакет