Телевизија Алфа вечерва стартува со нова турска серија во терминот на „Дневникот на Фериде“
Серијата, чиј правилен наслов на македонски јазик би бил „Јас му дадов име на моето срце“ е насловена како „Љубов и казна“. Сите се сеќаваме на вистинската „Љубов и казна“, приказната за Саваш и Јасмин која за годината (2012) во којашто се емитуваше беше прогласена за најгледана програма во Македонија, а има епитет и на најгледана серија на Балканот на сите времиња.
Претпоставуваме дека овој момент беше причина за Алфа да го искористи името на многу успешната серија на Сител за својата нова која во Турција и не помина баш славно. На листата на понудени интернационални наслови за оваа серија стојат повеќе предлози, но од страна на Алфа е одбрано токму она коешто веќе беше искористено и резултираше со голем успех.
Алфа оваа серија ја најави како една од најгледаните која рушела рејтинзи, но, претпоставуваме дека се работи за серија со слаб квалитет затоа што каналот којшто ја емитуваше во Турција го прекина нејзиното прикажување по само 17 епизоди. Причина за нејзиното укинување е тоа што остварила слаби рејтинзи, не била дел од листата на топ 10 најгледани програми, туку се наоѓала на солидното 19-то место.
Се прашуваме што е следно, дали некоја нова серија на нивната програма ќе биде насловена како „Бурни времиња“, „Кога лисјата паѓаат“, „1001 ноќ“ или можеби „Неправда“?