Мики Секуловски денеска на Youtube каналот на Sky Eye Entertainment ја промовира својата седма официјална нумера „Научи да сакаш“. Видеото е во форма на пишан текст, која треба да биде хит оваа зима.
„Искрено, песната ја чувавме во фиока повеќе од 8 месеци, така што со продукцијата решивме дека декември е вистински месец да ја издадеме на музичкиот пазар. Токму оваа песна ми е особено драга и ја чувствувам многу лично затоа што сум ко-автор на музиката и текстот. Сигурен сум дека синглот ќе и се допадне на публиката“, изјави Мики Секуловски.
Музиката и аранжманот за песната се на Зоран Алексиќ, додека текстот го напишаа заеднички со Мики Секуловски, a во продукција на Скај Ај Ентертејмент.
„Оваа песна е една од оние коишто всушност се разликуваат од останатата македонска музичка продукција. Со тоа што во нумерата е искористен семпл од Aretha Franklin и нејзината “I Never loved a man”, песната добива блуз нота, но сепак го задржав модерниот ритам и звук“, додава Зоран Алексиќ.“
Последниот сингл на Мики „Друга не допира“ беше промовиран во септември со видео запис. Секуловски во моментов е ангажиран на неговиот албум и со своите настапи во клубовите низ државата.